Откога се појави новиот корона вирус и откако почна масовната зараза на луѓето ширум светот постојано следиме различни модели на ширење на пандемијата и на вирусот. Некои од тие модели се покажаа претерани, додека некои предвидувања базирани на моделите беа сосема точни. Научникот и професор на Универзитетот Колорадо, Хозе-Луис Хименез, неодамна го претстави својот модел на ширење на корона вирусот преку аеросоли наречен Estimator, а врз база на тој модел на страницата El Pais објавија многу интересни графички прикази на ширењето на вирусот во потенцијално реални ситуации.
Прикажани се три примери – семејно дружење во иста соба, во кафуле каде што масите се разместени во согласност со епидемиолошките мерки и во училница, а во секоја од тие ситуации една личност е заразена со корона вирусот. Графиките базирани на моделот покажуваат дека за спречување на ширењето на заразата во затворени простории најбитна е вентилацијата, односно проветрувањето било со отворање прозорец и врата или со механичка вентилација. Притоа, маските имаат одредена улоига и го менуваат бројот на потенцијално заразени, а битен фактор е и времето кое се поминува во тој простор.
Првата визуалицаија покажува дружење на шест луѓе во затворена просторија. Ако еден од нив е заразен и ако нема никакви епидемиолошки мерки како носење маски и проветрување, моделот покажува дека после четири часа може да се заразат и останатите петмина. Во случај да се носат маски, би се заразиле четворица, така што маските немаат толку значење ако се луѓето изложени на заразена личност подолго време. Ризикот многу се намалува кога дружењето ќе се скрати на два часа и ако просторијата редовно се птоветрува. Во тој случај моделот предвидува дека постои одреден процент на зараза на само една личност.
Вториот пример е во кафуле, чиј капацитет е редуциран на 50% и во кое се наоѓаат 15 луѓе, од кои еден е заразен. После четири часа, ако нема проветрување и вентилација, сите посетители ќе бидат заразени. Ако се носат маски, ризикот е помал и моделот предвидува зараза на 8 луѓе, но ако просторот се проветрува, ако посетителите носат маски и ако во просторот поминат само два часа, постои ризик да се зарази само една личност.
Истиот заклучок е добиен кога моделот е применет на училница со 24 ученици и заразен професор. Без епидемиолошки мерки после два часа до 12 ученици може да бидат заразени. Ако се носат маски тој број може да биде 5. Во објаснението на оваа ситуација се наведува дека оддалеченоста на учениците од заразениот професор не е некој одлучувачки фактор и еднакво може да се заразат учениците кои се наоѓаат во нејзина блицина, како и тие што седат во последните редови. Ризикот за учениците ако носат маски и ако училницата редовно се проветрува после еден час драстично се намалува и постои можност за зараза на само еден ученик.
Визуализациите на ширењето на новиот корона вирус можете да ги погледнете на овој линк.
(Zimo)
(фото: Pikist)