Симона Чаминска: иако многу стартапи настрадаа, Ковид-кризата ги зголеми претприемачките активности

- Advertisement -

Глобалната Недела на Претприемништвото (ГНП) e еднонеделна иницијатива која се случува истовремено во 170 земји ширум светот и поврзува над 10.000 партнери во активности насочени кон промоција на претприемништвото, зајакнување на партнерствата и основање на нови релации
за подобрување на условите за развој на претприемништвото во сите овие земји.

Истата е проект на Глобалната Мрежа на претприемништвото, (ГМП) Global Entrepreneurship Network која преку разни програми го стимулира развојот и подобрувањето на условите за водење бизнис, ширум светот. Домаќин на ГНП во Р. Северна Македонија е асоцијацијата Startup Macedonia, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

- Advertisement -

По овој повод разговаравме со Симона Чаминска, координатор на Глобалната Недела на Претприемништвото во Македонија.

Разговараше- Верица Јорданова

- Advertisement -

GEW годинава ќе биде целосно онлајн. Дали е тоа само во С. Македонија или глобално?

Со оглед на здравствените состојби секаде во светот, официјалната препорака на Глобалната Мрежа на Претприемништвото (ГМП) е сите настани во рамки на Глобалната Недела на Претприемништвото (ГНП) да се одржат онлајн и да се снимаат за да бидат достапни за пошироката јавност. Затоа, препораката на Стартап Македонија до сите партнер-организации кои планираат сопствени активности, е да организираат активности од отворен тип, каде е можно слободно вклучување на сите заинтересирани лица. За оние активности кои поради својата природа ќе бидат од затворен карактер, односно за однапред дефинирана публика; препораката е да бидат и снимани за потоа да се постават на YouTube каналот на Стартап Македонија, со цел подоцнежно пристапување.

- Advertisement -

Што ќе се случува на GEW Северна Македонија? Што ќе биде во фокусот?

Оваа година, ГНП има засега 38 потврдени активности од отворен и затворен тип, кои ќе се спроведуваат на македонски, англиски и албански јазик. Во рамки на партнер-организациите се вбројуваат разни невладини организации кои помагаат за развој на екосистемот, Академијата, меѓународни организации кои го помагаат развојот на екосистемот и овозможуваат поддршка на претприемништвото преку разни програми, акцелератори, инкубатори и хабови; кои ќе ги претстават проектите на кои работат во изминатиот период и ќе модерираат дискусии на теми од областа на претприемништвото. Земајќи го во предвид фидбекот од минатогодишната ГНП, оваа година „резервиравме„ термини исклучиво за претприемачи, каде тие ќе можат да ги пренесат своите искуства, да ги споделат своите успеси и неуспеси и да дадат лично видување за развиеноста и потребите за натамошен развој и унапредување на екосистемот. Овие термини ќе бидат секој ден од 20.30 до 21.30 часот и на нив ќе гостуваат претприемачи од разни индустрии, со обраќања на македонски, англиски или албански јазик.

Во однос на темите, Глобалната Мрежа на Претприемништвото предвидува четири глобални теми и тоа: стекнување на претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование; инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка која ќе овозможи основа на претприемачите за скалирање на нивните бизиси; намалување на бариерите за основање на бизниси особено за младите и жените т.е. поттикнување на инклузивноста во бизнисот и квалитетно креирање на политики како соработка меѓу екосистемот и Владата. Секоја од овие теми е соодветно застапена низ најмалку една активност од страна на партнер-организациите, заради што се надеваме дека ќе се разменат конструктивни идеи и ќе се родат можности и партнерства за идна соработка.

Оваа година, Стартап Македонија како своја активност ќе организира панел дискусија посветена на квалитетното креирање на политики и лобирањето на организациите во екосистемот, претставувајќи ја успешната приказна на законската измена со која се предвидува воведување на конвертибилниот заем во Законот за трговски друштва, кој пак ќе отвори пат за инвестирање од страна на т.н. бизнис ангели, односно ќе им се даде законски механизам кои се користи во многу земји. На овој настан, претставници на Стартап Македонија ќе разговараат со претставници од Владата на Р. Северна Македонија и други релевантни институции за тоа што следно треба да се подобри за да има поголем развој на екосистемот

Како Ковид кризата го менува претприемништвото во глобални рамки?

Во последното истражување на еден од партнерите на ГМП Startup Genome, статистиките говорат дека најмалку 70% од стартапите морале да ги отпуштат своите вработени заради Ковид-19 кризата, додека повеќе од 40% од новоотворените компании ќе западнат во т.н. „црвена зона„ со достапни средства за вршење на редовни активности за период од најмногу три месеци. Но, иако голем број на стартапи настрадаа за време на пандемијата, Ковид-кризата придонесе до зголемување на претприемачките активности, каде традиционалното раководење на бизнисите беше соочено со притисок за барање на други алтернативи, каде како резултат се родија нови идеји за одговор на постоечките предизвици и размислување за тоа како ќе изгледа пазарот на труд во иднината.

Многу Влади дадоа отворена и широка поддршка на стартапите и екосистемот, како на пример Владата на Обединетото Кралство која одвои 1.25 билиони фунти за помош на стартапите нагласувајќи дека поддршката е најмногу потребна на „компаниите кои иновираат„, „еднорозите„ или пак „технолошките успешни приказни на иднината„. Дополнително, Ковид-кризата фундаментално револуционеризираше некои од претходно најсилно етаблираните сектори како на пример банкарскиот сектор каде беше неминовно да се зголеми нивото на дигитализација или пак гастрономскиот сектор кој се ориентираше претежно на испорака на храна. Оттука, зголемениот тренд на дигитализирање на сите услуги од јавниот и приватниот сектор, како и вложување во соодветна инфраструктура која ќе овозможи стабилен сајбербезбедносен систем за сите видови компании; претставуваат полиња каде стартапите може да се натпреваруваат за освојување на нови пазари.

Сподели!
- Advertisement -