Субвенцијата во износ од 14.500 денари по вработен за компаниите помогнала за сочувување на околу 60 илјади работни места, од вкупното покривање од околу 130 илјади работни места, односно без мерката тие веројатно би биле изгубени, се вели во последното истражување на Finance Think.
На крајот на вториот квартал, невработеноста се зголеми за само 0.5 процентни поени, на 16.7% од 16.2% на крајот од првиот квартал.
За сегментите од населението кои се наоѓаат пониско на скалата на доходот, а кои не се во работен однос преку кој би можеле потенцијално да бидат корисници на мерката „14.500 денари по работник“– вклучително невработените, примателите на социјалната помош, неформалните вработени и сл. Владата дизајнираше три клучни мерки:
1) Проширување на опсегот на гарантираната минимална помош (ГМП).
2) Олеснувањето на критериумите за влез во системот на ГМП (преку овозможување оценка на подобноста според доход од претходниот месец наместо од претходните три, како и допуштање сопственост на недвижен имот во кој домаќинството живее, автомобил постар од 5 години и парцела на градежно земјиште помала од 500 м2
3) ГМП се прошири во смисла на износот, со тоа што додатокот за енергија се удвои опфаќајќи 12 наместо само 6 месеци од грејната сезона.
4) Олабавување на критериумите за добивање на надоместок за невработеност,
5) Еднократна парична помош за таргетирани групи од населението, односно вработени со ниски примања, невработени, приматели на социјална помош и студенти во опсегот од 3,000 до 9,000 денари.
Владината мерка „14.500 денари по работник“, се вели во истражувањето, оневозможува доходот на граѓаните да се сведе на нула, односно тој најниско паѓа на 75% од минималната плата, што согласно одредбата од Законот за работни односи која овозможува да се исплаќа 50-100% од платата на работникот (и, оттука од минималната плата) ако работата е прекината поради виша сила.
Стапката на релативна сиромаштија поради Ковид-19 се зголемува за 1.2 процентни поени на 23.7%, што претставува околу 25.000 лица втурнати во сиромаштија како последица на пандемијата.
Апсолутната сиромаштија т.н. екстремна сиромаштија се намалува, што на прв поглед е чуден резултат. Но, ова движење се должи на фактот што помеѓу нашата почетна точка (пред Ковид-19) и крајна точка (по Ковид-19) настана реформа на системот за социјална заштита, преку зголемување на износите, интегрирање на повеќе видови социјални помошти и попрецизно таргетирање, велат од Finance Think.
Падовите кај апсолутната сиромаштија се комбиниран ефект од реформираниот систем на социјална заштита и од Ковид-19, кои дејствуваат спротивно (реформата ја намалува екстремната сиромаштија, Ковид-19 ја зголемува), со нето ефект кој е поволен односно резултира со помала екстремна сиромаштија.
Олеснетите услови за стекнување ГМП како одговор на Ковид-19 кризата имаат потенцијал да придонесат за намалување на екстремната сиромаштија за околу една четвртина, односно да извлечат од екстремна сиромаштија околу 24 илјади лица.
Пред Ковид 19 имавме околу 27.5 илјади домаќинства (или околу 99 илјади лица) корисници на ГМП, со олеснетите услови за ГМП се опфаќаат дополнителни 6.7 илјади домаќинства, односно 24 илјади лица
Кризата предизвикана од Ковид-19 ја зголеми потребата за државна помош на поединци и семејства, во форма на еднократна помош и/или континуирана социјална заштита.
Државната помош во форма на картички за купување домашни производи и картички за студенти, генерално е оценета позитивно во насока на задоволување на дел од основните потреби што биле под ризик поради загубениот или намален доход.
Но треба да се работи повеќе на свесноста и информираноста на населението за олеснетите критериуми за влез во системот на ГМП или за користење на надомест во случај на невработеност.