Во Општина Градско на различни локации на почетокот на идната година ќе започне изградбата на две Биогасни централи. Првата за која работите се во понапредна фаза ќе биде пред управната зграда на ЗК „Вардар АД Градско” во близина на Винарија „Стоби”, а втората чија изградба ќе започне нешто подоцна ќе биде во близина на свињарската фарна на „АГРИА” кај село Долно Чичево.
Како што објави МИА, двете Биогасни централи ќе користат локални ресурси, ќе се подобри локалниот економски развој, ќе се искористи земјоделскиот отпад и ѓубрива од животинско потекло од локални фарми од Градско и целата општина. Воедно ќе се поттикне земјоделското производство на силажа од пченка , а пред се’ повеќекратно ќе се заштити животната средина од загадување и ќе се решат некои од децениските загадувања на почвата и водите во овој реон, како што е загадувањето од испусните води од свињарските фарми. Иста така, што е важно за месното население ќе се овозможат и нови вработувања.
Општина Градско прави предуслови за изградба на Биогасни централи
Во Општина Градско забрзано се работи на изработување на измена на Урбанистичкиот план за Градско донесен во 2018 година.
Како што информира за МИА, градоначалникот Роберт Бешовски, целта е да се создадат услови за изградба на Биогасна централа во вредност од 15 милиони евра со моќност од 3 мега вати од страна на ЗК “Вардар АД Градско”.
Бешовски најави дека следува и подготовка на локална урбанистичка планска документација за изградба на уште една Биогасна централа во вредност од 7 милиони евра со моќност од 2 мега вати во близина на фармата на АГРИА” кај село Долно Чичево, а која ќе ја гради приватен инвеститор