Најави од Глобална недела на претприемништво: Повеќе пари и подобра регулатива за стартап компании!

- Advertisement -

Maкедонската стартап заедница денес се чини дека е повеќе од било кога сплотена околу заедничката визија – секој од нив да даде свој максимален придонес кон подобрување на амбиентот за раст и развој на домашни стартап компании!

Дека работата оди во вистинскиот правец се покажа и на штотуку завршената Глобална недела на претприемништво (GEW) каде во само неколку дена  54 партнер организации организираа 45 настани  на кои зборуваа 120 говорници, а учествуваа повеќе од 3.200  учесници!

- Advertisement -

Ова е сигнал дека свесноста за значењето на претприемничката култура сериозно расте, a oна на што треба во најскоро време да се работи е подобрување на условите.

Во оваа насока беа и на пораките на учесниците на панелот на GEW за лобирање за подобри политики за развој на националниот стартап екосистем.

- Advertisement -

„Можам слободно да кажам дека Владата на Северна Македонија по прв пат размислува стратешки во овој сегмент. Веќе има самосоздаден стартап систем кој и досега имал помош од државата, но не така стратешки како што треба да биде. Ако може да извлечеме нешто позитивно од Ковид-19 кризата тоа е дека не натера да почнеме да размислуваме како ни е организирана економијата, во кој правец се движиме, каква економија и каква земја да создадеме и како да размислуваме на поиновативен начин“, изјави првиот човек на Фондот за иновациии и технолошки развој, Коста Петров.

Коста Петров

Притоа тој потенцираше на еден интересен момент, а тоа е мешање на термините мали и средни претпријатија и стартапи. Нагласи дека Владата има добра стратегија кога станува збор за малите и средните претпријатија, но мора да направи разлика помеѓу нив и стартапите од друга страна.

Како директор на Фондот за иновации тоа е една од првите работи на кои што сакам да посветам внимание. Да се вратиме на основите и да ги разграничиме тие дефиниции. Понатаму, битно е што побргу да се создаде еден инклузивен процес кој значи дека стартап претприемачите  мора да бидат инволвирани во процесот на одлучување. Како што споменав, сега имаме самосоздаден стартап систем, одлична поддршка од Startup Macedonia, но верувам дека сега стартап секторот не е таму каде што треба да биде, таму каде што се носат одлуките. Првото нешто што ќе го направиме во наредните неколку недели е формирање на стартап совет, кој ќе ни помогне од прва рака да ги дознаваме потребите на стартап заедницата и да ги имплементираме во закони, регулативи и различни финансиски инструменти. Сакам да разбереме кои се вистинските проблеми на стартап заедницата“, најави Петров.

- Advertisement -

Мора да почнеме да се фокусираме на компании кои се занимаваат со производство. Неспорно е дека имаме одличен ИТ сектор, но треба да почнеме да размислуваме како да помогнеме да се создадат технолошки компании кои создаваат производи. Да креираме систем кој ќе не донесе до крајната цел – глобален македонски производ. Наш Skype“, вели Петров.

петров:

Наскоро ќе почнеме да работиме и на друга иницијатива, а тоа е онлајн виза за дигиталните номади. Работната група ќе почне со работа наредниот месец. Идејата е да ги поканиме дигиталните номади од целиот свет да дојдат да живеат во Северна Македонија. Веруваме дека имаме конкурентска предност затоа што сме добро поврзани со сите поголеми европски градови, а нашиот стандард на живот ќе им овозможи да живеат подобри тука отколку во некоја европска метропола. Економското дравјанство е друг проект на кој што ќе работиме. Тоа буквално значи дека привлекуваме богати поединци кои ќе инвестираат во земјата и за возврат ќе добијат државјанство. Планираме да создадеме и иновациски хабови и да почнеме со Македонско село, кое е овде во Скопје. Бараме уште пет градови каде што ќе отвориме иновациски хабови. Во суштина, хабот е место каде што некој со идеја (не мора да биде компанија) може да дојде и да разговараме за бизнис план, бизнис стратегија, менторство.

Стартап Македонија, организатор на овој настан, во изминатите години направи суштествено придвижување на состојбата на екосистемот преку вмрежување, популаризирање и поддршка на стартапите и стартап чинителите на екосистемот. Стартап екосистемот не е изолиран од целокупната бизнис јавност и се соочува еднакво со слични предизвици и проблеми како сите останати деловни екосистеми. Игор Маџов, еден од основачите на Стартап Македонија потенцираше дека е неопходно државата да биде поддржувач на растот и да го прати развојот на бизнисите со креирање на политики, промена на регулативи и олеснувања на процедурите со кои сите се соочуваме. 

Игор Маџов

„Го поздравуваме интересот на Владата да ја прифати стартап културата на агилност и иновативност но сакаме брзи, коренити и сеопфатни промени за позиционирање на  земјата како најдобро место за развој и раст на стартап компании во регионот“, вели Маџов. 

За да дојдеме чекор понапред потребно е да се свртиме кон неколкуте постулати на кои се потпира еден екосистем како пристап до квалитетен кадар, пристап до технологија и субспецијализација, пристап до финансии, пристап до пазари зошто стартапите најчесто размислуваат пошироко од границите на Македонија од ден еден. 

Маџов потенцира дека за стартап компаниите финансиите не се најбитна но есенцијална компонента и пристапот до нив. Во Македонија повеќе од 70% од инвестициите се финансирани од банкарскиот сектор додека во светски рамки тоа е обратно, каде значаен удел во инвестиции се приватни фондови на ризичен капитал, ангел фондови и ангел инвеститори. Успешен пример за соработка меѓу стартап заедницата предводена од Стартап Македонија во соработка со неколку институции и министерства за дополнување на Законот за трговски друштва со воведување на конвертибилниот заем како форма на финансирање на компании во рана фаза и стимулација на ангел инвестирањето. 

Би сакале да видиме подобра регулатива за вклучување на традиционалните компании, Пензиски фондови и Осигурителни компании да подржуваат и инвестираат директно во стартап компании или вложат во фондовите за ризичен капитал во земјава или во странство. Една од одлуките кои ги поздравуваме е Фондот за иновации и технолошки развој да се преструктурира во Фонд на фондови и на тој начин да се стимулира културата на превземање и наградување на ризик. Неопходно е отворање на Македонија кон светските трендови и заложба на Владата за раздвижување на финансискиот сектор преку подршка и развој на Финтек решенија, користење на Блокчеин технологија, Крипто валути и едноставно отварање кон светските сервиси како Stripe, Paypal и други“, потенцира Маџов.

Маџов:
Се залагаме за дигитално општество но сме сè уште соочени со “вредноста” на печатот и колку време се чека на шалтери и по ходници за нешто што би се заменило со еден клик. Затоа воведување на брзи процедури и дигиталениот потпис во целукупното функционирање многу ќе придонесе  за зголемување на ефективноста на администрацијата. Не би требало само да зборуваме за колку брзо ќе се отвори компанија туку и да се поедностави процедурата за затворање  

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, нагласи дека во изминатите три години, од 2017 до 2020 година, Фондот за иновации и технолошки развој поддржа околу 550 компании, половина од нив се стартапи, со вкупен инвестициски циклус од 75 милиони евра. Тој укажа дека за следната година во буџетот се проектирани околу 17,5 милиони евра, односно за околу 2 милиона евра повеќе во однос на 2020 година, за реализација на програмите и мерките кои се спроведуваат од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.

„Задоволен сум што ќе бидам првиот што ќе може да ја сподели со вас информацијата за процесот што ќе го започнеме, а тоа е, за прв пат во нашата земја, ќе се изготви Стратегија за развој на стартап заедницата, за чие создавање ќе бидеме среќни доколку учествуваат и самите претриемачи, односно основачи на стартапи. Постојано зборуваме дека нашата главна цел е да ја направиме земјата регионален стартап хаб, а тоа ќе го сториме заедно, преку инклузивен процес на градење на стратегијата, градејќи политики што ќе ви овозможат да растете и да се развивате“, потенцираше вицепремиерот.

На овој панел свои воведни обраќања имаа Н.Е. Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД во Република Северна Македонија и Н.Е. Сибил Зутер Техада , амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија,, кои изразија силна заложба за иден уште посилен развој на македонската иновативна и стартап сцена и ја потенцираа досегашната поддршка преку разновидни програми и проекти, меѓу кои и Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Еден од заклучоците на овој панел беше потребата од создавање култура на инвестиции, и култура на соработка меѓу приватниот сектор и стартапите. Секаде во светот, од поразвиените до помалку развиените земји, има приватни компании кои склучуваат партнерства со стартапи и стартапите потоа работат на решенија за некој процес. Со најновите напори во нашиот екосистем се очекува преку конкретни форми да се стимулира оваа соработка и иновацискиот капацитет на големите домашни брендови да се надгради преку соработка со стартап компании. Со тоа сите ќе бидат победници.

Големите компании така ќе станат поиновативни, а стартап компаниите ќе добијат домашен пазар и простор за иден развој!

Сподели!
- Advertisement -