НБ: Пад на економската активност од 4,9% во 2020 година и постепено закрепнување со интензитет од 3,9% и 3,6% во следните две години

- Advertisement -


Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка.

За разлика од априлските проекции, најновиот циклус на макроекономски проекции претпоставува подолготрајни и продолжени ефекти од пандемијата на ковид 19 и врз глобалната и врз домашната економија. Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Макроекономското сценарио и ризиците околу него во најголема мерка се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти. Засега, имајќи предвид дека ковид-шокот е од неекономска природа, не се очекува тој да има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за економски раст.

- Advertisement -

Во согласност со ваквиот контекст, при понеповолно надворешно окружување, но и послаби остварувања во првата половина на оваа година, најновите проекции упатуваат на пад на економската активност од 4,9% во 2020 година и постепено закрепнување со интензитет од 3,9% и 3,6% во следните две години. Со ова, направена е надолна ревизија на проекциите на растот во однос на април, што претставува последица на подолготрајноста на пандемијата и нејзиното влијание врз сите пунктови на економијата. Закрепнувањето на економската активност во 2021-2022 година се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.

Инфлацијата и понатаму останува ниска и стабилна, иако повисока во однос на априлските оцени за 2020 година. Во просек, во 2020 година се очекува инфлација од 1,1%, што е над априлските оцени од околу 0%. Овие отстапувања во голема мерка се одраз на ефектите врз понудата од синџирите на снабдување заради пандемијата, но и нејзините ефекти врз структурата на побарувачката. За 2021 година и 2022 година, тековните проекции се задржуваат непроменети и укажуваат на просечна инфлација од 1,5% и 2%, во услови на постепено закрепнување на побарувачката и умерен раст на увозните цени. Високата неизвесност во поглед на идната динамика на берзанските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик фактор на проекцијата.

- Advertisement -

И покрај шокот предизвикан од пандемијата, надворешната позиција на економијата останува стабилна. Во однос на тековната сметка, оваа година се очекува дефицит од 3,7% од БДП, што претставува мало проширување во однос на претходната година, движено од помалиот суфицит кај приватните трансфери. Имено, мерките за ограничување на вирусната инфекција и рестрикциите во меѓународното движење на луѓето доведоа до изразен пад на дознаките во готовина, делумно ублажен од пренасочувањето на девизните приливи преку формалните канали. За следниот период се очекува мало проширување на дефицитот во размената на стоки и услуги, при закрепнување на извозот, но и поголеми увозни притисоци во услови на подинамична економска активност. Од друга страна, нормализацијата на состојбата со пандемијата се очекува до доведе до постепен раст на приливите од дознаки. Во вакви околности, дефицитот во тековната сметка ќе остане умерен на ниво од 2,6% од БДП во 2021 година, и се оценува негово намалување на 1,6% од БДП во просек во следниот период. Во однос на финансирањето, со оглед на непречениот пристап до меѓународните финансиски пазари, се очекува дополнително надворешно задолжување и на јавниот и на приватниот сектор, но и прилив од странски инвестиции. Во периодот на проекции, девизните резерви бележат раст, а показателите за адекватност остануваат во сигурната зона.

Кредитната активност на банкарскиот систем и во период на криза продолжува да биде еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Кредитните текови во првите девет месеци од оваа година се повисоки од очекуваните, во услови на подинамичен раст на депозитната база од очекуваниот и понатамошно релаксирање на кредитните услови. Придонес во оваа насока имаа и мерките на Народната банка од почетокот на кризата, коишто беа во насока на релаксирање на монетарната политика и овозможување на регулаторна флексибилност. На крајот на 2020 година се очекува кредитната поддршка да бележи раст од 5,3% на годишна основа, а до крајот на периодот на проекции оваа стапка се оценува да забрза на близу 8%. Овие прогнози се темелат на очекувањата за понатамошен раст на депозитите, како основен извор на финансирање, во услови на подинамичен раст на економијата и дополнителни девизни приливи. Воедно, се очекува подобрување на согледувањата за ризик на банките, како и поголема склоност за задолжување, при очекувана нормализација на тековите.

- Advertisement -

Ризиците околу проекциите и понатаму се оценуваат како изразено надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19. Главниот надолен ризик се поврзува со евентуалното повторно воведување на строги рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот, како одговор на веќе актуелниот втор бран на пандемијата, како и евентуалното побавно справување со вирусот од тековните очекувања. Но, од друга страна, побрзиот напредок во третманот на корона-вирусот, како и во развојот на вакцина се фактори на оптимистичката страна. Доколку заканата од корона-вирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната економска активност.

Како што беше нагласено на седницата на Советот, Народната банка постојано го следи развојот на настаните, вклучително и потенцијалните ризици од окружувањето, и доколку има потреба, подготвена е соодветно да ги приспособува политиките и навремено да преземе дополнителни мерки, согласно со своите надлежности.

(Denar.mk)

Сподели!
- Advertisement -