Од 12 јавни претпријатија во Скопскиот регион, само две имаат документ или кодекс на однесување или друг внатрешен акт што го опфаќа и односот кон корисниците на услугите, транспарентноста и отчетноста со кој се регулира односот кон потрошувачите.
Пишува: Сања Наумовска
Анкетата на граѓаните покажува дека во просек, тие се делумно информирани за работата на јавните комунални претпријатија во нивните општини и Градот Скопје. Тие најинформирани се за тоа кои се ЈКП, кои услуги ги нудат, а најнеинформирани се за тоа кои се нивни директори, колку вработени имаат и на што ги трошат парите. Анализирајќи ги причините заради кои корисниците го решиле, односно не го решиле проблемот во случај на приговор кон претпријатието, станува јасно зошто тие не се заинтересирани да даваат приговори. Најчесто јавните комунални претпријатија се инертни, не даваат одговор во законски предвидениот рок, а многу често приговорите ги решаваат во своја корист, односно ги одбиваат приговорите на корисниците.
Ова оди во корелација со ниското ниво на транспарентност и отчетност на ЈКП, што произлезе од мониторингот спроведен од проектот „Транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион“ спроведен од Здружението на економски новинари, во рамките на проектот „ Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор” кој го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Конект и ЗДСРМ со финансиска поддршка од Европската Унија.
Од истражувањето произлегуваат препораки, граѓаните да станат посвесни дека треба да бидат поинформирани за работата на ЈКП и да се охрабрат да бараат информации и да ги бараат своите права преку обуки, информативни сесии, медиумски кампањи и сл. Граѓанските организации треба поактивно да се вклучат во информирање и обука на граѓаните за работењето на ЈКП и за правата на корисниците и како да ги остварат. Доколку се направи споредба на анкетата на јавните комунални претпријатија и анкетата на граѓаните, анализата покажува дека најголем дел од ЈКП се делумно транспарентни, но граѓаните сметаат дека тие во најголем дел не се транспарентни.
Анализирано во другите сегменти од транспарентноста и отчетноста, како на пример, во поглед на јавните набавки, јавните претпријатија се најмалку транспарентни, иако согласно Законот за слободен пристап до информации и Одлука на Владата на РСМ, јавните претпријатија се должни да го објават годишниот план за јавни набавки, да објавуваат огласи за јавни набавки со задолжително поставување на линк до огласот кој е објавен на ЕСЈН.
Од анализата и мониторингот, пак, на веб страните на јавните претпријатија може да се заклучи дека ниту едно претпријатие на својата веб страна не ги објавува сите информации кои се пропишани со законите и препораките за транспарентно и отчетно работење на јавните претпријатија. Секое јавно претпријатие има објавено дел од потребните информации. Исто така, претпријатијата не ги ажурираат оперативните и финансиските извештаи кои ги објавуваат и на веб страните се наоѓаат извештаи постари од пет години.
Затоа, имајќи ги во вид ваквите состојби, произлезени од истражувањето, се препорачува на јавните комунални претпријатија кои немаат свои веб-страници да креираат и на нив да ги постават сите законски задолжителни информации како и информации кои е потребно да се објавуваат согласно стандарди за транспарентност и отчетност. Тие кои имаат свои веб страни да ги надополнат минимум со законски задолжителните информации и истите постојано да ги ажурираат.Општините основачи на јавните комунални претпријатија да објават минимум основни податоци за ЈКП и да постават линк до веб страните на ЈКП, или да ја преземат одговорноста за објавување на информации за ЈКП во посебен дел на нивните веб страни.Јавните комунални претпријатија да задолжат лице кое ќе биде одговорно за објавување на потребните информации и ќе се грижи тие постојано да бидат ажурирани.
Според анализата, најниско ниво на транспарентност и отчетност ЈП имаат во однос на нивото на објавени податоци, документи и информации кои се однесуваат на резултатите од работењето. Само 3 од анализираните претпријатија имаат минимално ниво на транспарентност (ЈКП Илинден, ЈКП Водовод Илинден 35% и ЈП Градски паркинг 30%), а останатите 9 имаат оскудно ниво на транспарентност. Од нив, 6 претпријатија немаат никакви објави на информации, документи или податоци за резултатите од работењето.
Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (ЗСПИЈК), обврска на јавните претпријатија е да објавуваат прописи со кои се регулираат нивните надлежности, статут, стратегии и програми за развој, организациска структура, податоци за директорот, вработените и органите на управување.
Интересен е податокот од истражувањето, според кој, информации за поднесување на приговор, претставка или предлог до јавното комунално претпријатие нема објавено ниту едно ЈКП. Јавните претпријатија најчесто јавноста ја известуваат преку издавање на соопштенија за јавност, за што се изјасниле 56% од анкетираните ЈКП, а 19% од нив известуваат преку огласна табла.
Од анкетираните јавни претпријатија, ниту едно нема објавено или истакнато Правилник за заштитено внатрешно пријавување, освен ЈП Паркинзи на Општина Центар, кое има објавено и име и презиме на лицето овластено за заштита на внатрешно пријавување. Јавните претпријатија ги известуваат корисниците на услугите за видот на услугите кои ги даваат, цените, начинот на користење и сл. Приговорите и претставките кои ги добиваат јавните комунални претпријатија, во најголем дел се искажани усно, а помал дел се во писмена форма. Од нив, најголем дел се однесуваат на услугите, нивниот квалитет и начин на работа на ЈКП.
Инаку, просечното ниво на транспарентност и отчетност, односно исполнувањето на законските обврски и стандардите на анализираните јавни претпријатија во Скопскиот плански регион, изнесува само 22% од можни 100%.
Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни. Само едно ЈП има едвај ограничено ниво на транспарентност, а дури 6 ЈП имаат оскудно ниво на транспарентност.