Најслатките малини од Полог на Синиша Стефановски почнаа да се преработуваат во џемови и вино

- Advertisement -

Пишува – Сања Наумовска

Проширување на насадите со малини, соработка со нови кооперанти и одлична откупна цена на замрзнатата малина е успешната приказна на производителот Синиша Стефановски од Тетово поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Тој во селото Јанчиште веќе пет години произведува малини, го снабдува домашниот пазар, но и извезува. Од македонските малини веќе се произведуваат и џемови во фабриката КИМ од Неготино и вино од винаријата „Шато Сопот“, со што се додава вредност на нашата малина и уште еднаш се потврдува нејзиниот квалитет.

- Advertisement -

Годината, која за многу бизниси беше крајно турбулентна, но и кога неизвесноста продолжува и за следната година, за Стефановски и неговата компанија LK Raspberry е и повеќе од успешна. Насадите под малини се зголемиле за нови четири хектари, а соработката се проширила со нови осум кооперанти. Производителите, годинава ја добиле и најдобрата откупна цена во последните пет години, од 100 денари за килограм, а за 2021 очекуваат уште повисока.

„Еден од најголемите светски производители на малини, Чиле се очекува повторно да има лоша производствена година, а тоа влијае на формирањето на цената на берзите. Покрај Чиле и Полска и Србија се меѓу најголемите производители. Во Србија последните години насадите со малини се заменуваат со боровинки, што нас ни одговара, па очекуваме уште подобри цени“, вели Стефановски.

- Advertisement -

Годинава во полошкиот регион се произведоа 92 тони малини, а идната година Синиша и неговите кооперанти малини ќе одгледуваат на вкупно 11 хектари и очекуваат производство од 150 тони. Откупот е загарантиран, а целата количина ќе биде замрзната во ладилникот за шок замрзнување кој е лоциран веднаш до плантажите на LK Raspberry.

„Во моментов имаме капацитет за складирање со 120 тони малини и тунел за брзо замрзнување со капацитет од два тони на пет часа. За 2022 година планираме и нова инвестиција во нов поголем ладилник со капацитет за складирање од 1.500 кубни метри“, објаснува Стефановски. Тој посочува дека заедно со кооперантите, не застануваат во инвестициите, па покрај проширувањето на насадите, годинава аплицирале и за машина за берење преку ИПАРД програмата. Доколку се покаже како ефикасна, некои од кооперантите ќе аплицираат и за повеќе вакви машини.

- Advertisement -

Годинава, целото производство завршило на домашниот пазар, а целта на полошките производители е Македонија да не увезува малини, бидејќи домашните се меѓу најдобрите и најслатките во светот. Тенденцијата прво да се покрие побарувачката дома, па потоа да се извезува, вели Синиша, ќе остане и за идните години. Планира и нови преработки од малините, производи кои ќе бидат ексклузивни и кои ги нема на домашниот пазар.

Од годинава, вели Стефановски, на нивите во Полог еден од кооперантите засадил и 3.000 квадратни метри со боровинка во саксија. Тоа е следната гранка во која ќе се проширува производството, бидејќи боровинката е баран производ, а во однос на цената и откупот има најдобри услови на пазарот.  

„Задругарскиот принцип на кој работиме со кооперантите функционира одлично, секоја сезона однапред се договорени условите кои треба сите да ги исполнуваат за да произведеме најквалитетен производ, сите ги почитуваат советите на агрономите, а меѓу себе постојано се советуваме и си помагаме. Многу внимаваме и на транспортот и логистиката за да секогаш имаме производ од прва класа“, вели Стефановски.

Сподели!
- Advertisement -