На е-мапата, како што соопшти Зелен институт, се поставени индустриски инсталации и објекти кои работат со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и со елаборати за животна средина. Секој индустриски објект е лоциран со основните податоци: име на фирма, дејност, капацитет, гориво и координати.
– Оваа е-мапа на загадувачи е производ на соработка на Зелениот институт со информатичарот, екологистот и автор на Мој воздух, Горјан Јовановски како креатор на апликацијата, со Државниот инспекторат за животна средина како извор на технички податоци за индустриските капацитети, со стручен тим за обработка на техничките податоци, како и со холандската фондација Биро де Хелинг како поддржувач на овој проект, наведуваат во соопштението.
Целта на овој проект, додаваат, е да се овозможи лесно и прецизно откривањето на индустриските објекти кои загадуваат, по што ќе биде побрзо и попрецизно пријавувањето во соодветниот инспекторат, но и дејствувањето на самите инспектори. Со ова, посочуваат, ќе се придонесе за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на животната средина и здравјето на граѓаните.
– Е-мапата ќе биде јавно достапна на посебна веб-страна за сите заинтересирани граѓани, но и за претставници од институциите, првенствено инспектори за животна средина од државно, градско и општинско ниво. Ве покануваме да се запознаете со оваа е-алатка, да станете нејзини корисници и секако, да ни сугерирате како да ја подобриме и направиме полесно достапна и применлива за секој граѓанин, додаваат од Зелен институт.