4 C
Skopje
недела, јануари 24, 2021

Филип Ивановски: „Пакомак“ една деценија цврсто оди по патот Македонија да биде еколошки освестена, чиста и здрава земја!

Kabtel desktop

„Пакомак“ неодамна одбележа една деценија работа на полето на селекција и рециклирање на отпадната амбалажа во нашата земја. Во овој период компанијата стана синоним за посветеност и упорност во создавањето на нови зелени навики на граѓаните, за вистинска еколошка определба во времиња кога за екологијата и за третманот на отпадот не се ни зборуваше и работеше на целосно нов систем за селектирање на отпадна амбалажа, кој денес функционира во голем број општини низ земјата.

Пред почетокот на новата година, како и на почетокот на нова работна декада за „Пакомак“, за плановите и целите, но и за желбите и посакувањата, разговараме со извршниот директор, Филип Ивановски.

Г-дин Ивановски, Пакомак неодамна одбележа 10 години од постоењето. Можете ли да направите споредба на состојбите со третманот на отпадот, но и на свеста на граѓаните тогаш и сега. Каде сме, што постигнавме за една деценија?

Пред 10 години го направивме првиот чекор кон поставување системско решение за селекција на отпадот од пакување од сите сегменти на живеење каде се создава. Ни требаа две до три години да бидеме разбрани што сакаме да направиме. Не им беше јасно на компаниите зошто треба да бидат наши членови и да финансираат некој нов систем да го собира отпадот од пакување, што се создава по консумација на нивните производи. За компаниите тоа беше трошок плус од оној кој веќе го плаќаа на комуналните компании за собирање на општиот смет! Не им беше јасно ниту на комуналните претпријатија по општините каде е нивниот спој со „Пакомак“, а не им беше јасно и на дел од институциите кои требаше да го спроведуваат Законот за управување со отпад од пакување кој влезе во сила таа, веќе далечна, 2010 година!  Најпосле, и добар дел од граѓаните немаа навики да го селектираат отпадот генерално, сметајќи дека нивната одговорност завршува со тоа што ги плаќаат сметките кон комуналните претпријатија во нивната општина.

Изодевме многу чекори. Се издигавме од паѓањата по пат, сопките и недовербата… бевме упорни, истрајни и професионални. По 10 години може да кажеме дека сме задоволни што учествувавме во поместување на нашето општество од статус-кво во однесувањето со отпадот, кон еден “зелен” тек што секоја година е помасовен, побрз и поддржан од сѐ поголем број граѓани, компании и институции. Уште сме на почетоците на нашиот пат кон целта, но веќе чекорите се сигурни и побрзи. Целта ни е Македонија да биде еколошки освестена, чиста и здрава земја за живеење, од секој аспект, не само во однос на управување со отпадот. Упорно одиме по тој пат.

Пакомак е колективен постапувач кој досега инвестираше во комунална инфраструктура во речиси секој град во земјата, но граѓаните и понатаму се жалат дека нема доволно контејнери за селекција на отпадот во нивното населено место. Колку контејнери реално недостасуваат за системот да функционира на оптимално ниво?

На крајот на оваа 2020 година, соработувавме со над 40 општини низ цела земја, во кои живеат над 70 отсто од населението. Во секоја општина настојуваме да поставиме контејнери за селекција на отпадот од пакување, пред сѐ стакло, пластика и хартија. Тоа го правиме согласно нашите можности, но настојуваме граѓаните од секоја од овие општини да имаат барем неколку места каде може да го одлагаат нивниот селектиран отпад од пакување.

Низ целава земја општиот смет се собира во околу 10-12.000 контејнери. Ние имаме досега поставено над 1.000 зелени контејнери за стакло и уште толку за пластика и хартија, плус неколку илјади канти по индивидуални куќи.  Знаеме дека се уште сме далеку од потребниот број, иако има општини кои имаа многу солидна инфраструктура за селекција. Наша интерна цел е на 1.000 жители да има по еден зелен, жолт и син контејнер во кои граѓаните ќе може да го одлагаат селектирано отпадот од пакување. Тоа значи дека треба да дојдеме до бројка од околу 5.000 контејнери за примарна селекција на сервис на граѓаните. Би рекол дека сега сме на половина пат од тоа, но има општини каде горе наведениот норматив веќе е исполнет, како на пример Штип, Прилеп и некои помали градови… Но, сметаме дека мора и општините да се вклучат во набавка и поставување вакви контејнери, бидејќи така ќе се намалат трошоците за депонирање, а ќе имаат приходи од отпадот како секундарна суровина.

Забелешките на граѓаните се однесуваат и на нередовното празнење на садовите за селекција на отпадот и нередот што се создава околу нив. Каква е соработката со општинските јавни комунални претпријатија, кои се задолжени за хигиената на контејнерите?

Имаме многу коректна соработка со најголем дел од јавните комунални претпријатија и работиме партнерски. Празнењето на контејнерите е според законот дадено само на ЈКП, освен ако тие не се сложат да биде поинаку. Иако ние покриваме добар дел од трошоците за празнење на контејнерите за селекција, сепак се не сме задоволни од фрекфенцијата и начинот на кој тоа се прави. Собирањето на стакло низ земјава е комплетно финансирано од „Пакомак“, а тоа се околу 4.000 тони годишно. За оваа количина отпад, ЈКП немаат трошок за собирање и носење на депонија! Напротив, приходуваат од „Пакомак“ по разни основи.

Колкав дел од амбалажниот отпад помина преку системот на Пакомак годинава? Кои се целите за понатаму?

Во 2011 година кога почнавме со селективно собирање на отпадот од пакување, собравме 6.800 тони. Оваа година ќе собереме над 25.000 тони, слично како и минатата година. Во 2011 собравме 12% од тоа што компаниите кои се наши членки го создале како отпад од пакување во земјава, преку продажба и консумација на нивните производи. Оваа 2020 година, собираме над 60% од отпадот кои нашите членки го пуштаат на пазарот. Тоа е разлика за респект и ние сме горди на ова, особено што истово го правиме со најниски трошоци во регионов. Тоа значи со најмало финансиско оптоварување на нашите членки, а индиректно со тоа и на граѓаните, кои тоа го плаќаат преку цената на производите кои ги купуваат.

Во тек се измени на неколку закони кои го третираат прашањето на отпадот. Ќе се создадат ли подобри услови за селекцијата и рециклирањето на отпадот?

Новиот пакет измени во законите требаше да се донесе на почетокот од годинава, но поради целата ситуација дури во декември помина на Влада и е доставен до Собрание. Со измените се допрецизираат некои сиви зони на толкување, се дефинираат попрецизни услови за формирање колективни постапувачи со отпад како што е „Пакомак“. Важно е што на наше инсистирање се поставуваат критериуми по кои ќе се наплаќа од компаниите, но и критериуми по кој ќе се трошат средствата кои се собираат. Веруваме дека доаѓаат времиња кога рециклирањето на отпадот ќе биде на врвот на приоритетите на граѓаните, а со тоа и на партиите кои се борат за нивните гласови. Веруваме дека во иднина Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде вистински и правичен регулатор, а сегашниот министер влева искрена надеж дека така ќе биде!

Циркуларната економија е зеленото сценарио кон кое се стреми целиот свет. Колку ние сме блиску или далеку до одржлива иднина, ценејќи ги сите аспекти во земјава, од свеста на граѓаните, до функционирањето на институциите?

Циркуларната економија настојува да постави перпетуум мобиле во смисла на материјалните текови кои се во индустриите. Реално, тоа е единствено можно ако секоја година трошиме помалку природни ресурси од претходната и ако популацијата на планетава остане константа. И двете работи се тешко одржливи варијабли. Но, можеме да користиме помалку амбалажа и повеќе да рециклираме и реупотребиме од тоа што е веќе употребено. Циркуларната економија е филозофија и начин на живеење, а не само математичко-економска операција. Менувањето на навиките е главен предизвик со кој и ние во „Пакомак“ се соочуваме. Тоа е бавен процес, но не радува што веќе постои како процес и што ние сме биле еден од катализаторите на таа позитивна општествена промена. Институциите треба да ја канализираат и дадат правна форма на овие процеси, како и да бидат први имплементатори на истите.

Селекцијата на отпадот во земјава е неизбежно поврзана со неформалните собирачи. Нивното прашање е сложено и од социјален и од финансиски и од здравствен аспект, а во изминатите години ниту една институција не се нафати да го реши. Кое е, според вас, најбрзото и најбезболно решение?

Со овој социјален феномен ние се соочуваме од самиот почеток. Наш став е дека овие луѓе треба да станат формален дел од процесот на селекција и собирање на отпадот од пакување. Тоа најлесно може да се направи преку комуналните претпријатија, кои треба да ги интегрираат во своите системи, а „Пакомак“ е подготвен тука да помогне и логистички и финансиски. Но, пред се тука треба да се вклучи Министерството за труд и социјална политика, бидејќи ова е пред сѐ социјален проблем. Решавањето на неформалните собирачи ќе значи помалку социјални случаи сега, но и помалку такви случаи во иднина бидејќи ќе ги тргнеме од улица децата кои сега собираат по контејнери со своите родители. Ова може да се реши доколку има политичка волја, истрајност, упорност и координација меѓу повеќе институции.

Во изминатите години многу се работеше и на јакнење на свеста кај граѓаните за правилно постапување со отпадот, особено со најмладите. Планирате ли продолжување или можеби и проширување на едукацијата на децата?

Најмладите се наша надеж дека ќе се сменат навиките на подобро. Секако дека и понатаму наш фокус ќе биде еколошка едукација на децата, како најотворени за нови идеи и концепти! Тие се нашите агенти на промена бидејќи тие влијаат на своите родители, баби и дедовци, терајќи ги да го прават тоа што го научиле од еколошките часови. А кој родител не сака да го послуша своето дете кое е еколошки посовесно од возрасните?

За крај, во духот на празниците, посакувањето желби и надежта за подобро утре, каква посакувате да биде Македонија, особено во поглед на состојбата со третманот на отпадот и екологијата генерално, за десет години од сега?

Посакувам Македонија по 10 години да биде земја без диви депонии, со регулирано и прописно управување на целокупниот отпад, вклучително и отпадот од пакување. Посакувам стапката на рециклирање да биде најмалку 50 отсто на целиот птпад што го создаваме и најмалку 70 отсто на целиот отпад од пакување. Посакувам граѓани кои ќе бидат задоволни од услугите на комуналните претпријатија, кои реално, треба да бидат поскапи, но и далеку поквалитетни. Исто така, посакувам да имаме чист воздух, бидејќи управувањето со отпадот значи и почист воздух, води и почва. Значи и земја од која младите нема да сакаат да си одат, бидејќи одливот не е само од економски причини, туку и заради желбата да живеат во чиста средина, да имаат добар образовен систем и квалитетно здравство. Тоа треба да се трите приоритети за секоја Влада во следната декада.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •