4 C
Skopje
недела, јануари 24, 2021

СОС Детско Село 20 години ja остварува својата мисија благодарение на несебичната поддршка од филантропи и компании

Kabtel desktop

Интервју со Јулијана Накова Гапо, национален директор на СОС Детско Село

СОС Детско Село е членка на меѓународна невладина организација чија што мисија е да се грижи за децата без родителска грижа. За почеток, дадете ни краток преглед на работењето на СОС Детско Село во нашата земја.

Идејата за првото СОС детско село потекнува од Австрија и е основано од Херман Гмајнер во Тирол, во 1949 година. Соочен со последиците од Втората Светска војна и сведок на судбините на многу деца кои останале без своите родители тој го промовира новиот концепт за згрижување на деца кој се базира на грижа на деца во топол дом, мајка како родител, со браќа и сестри во сигурна средина (повеќе куќи во близина – концепт на село).

Тој со само 600 шилинзи во џебот (тогаш 40 долари) ја започнува  првата иновативна хуманитарна кампања за изградба на првото СОС Детско Село во селото Имст. Со поддршка  од многу индивидуалци, донатори, спонзори на деца, партнери и пријатели, визијата на Херман Гмајнер помага да се обезбеди грижа со љубов во семејна средина за деца без родителска грижа и  на многу семејства да останат заедно за да можат да се грижат за своите деца. За оваа идеја Херман Гмајнер има добиени многу престижни признанија за хуманост и повеќе пати е номиниран и за Нобеловата награда за мир.

Денес, по седум децении, СОС Детските села се активни во 136 земји и територии ширум светот, помагајќи им на стотици илјади деца годишно  да добијат топол дом и  грижа, јакнење и поддршка на илјадници семејства во високи социјални ризици, изградба на училишта, здравствени центри и друга програми базирани  на потребите во  заедниците.

Вистинска привилегија е што и нашата мала држава преку СОС Детско Село е дел од големото интернационално семејство, кое во 136 земји во светот работи и е посветено на помош и поддршка на најранливите – ДЕЦАТА. За жал, сеуште во целиот свет најзагрозени се децата и нивните права, но и ние овде во Македонија, сплотени како ЕДНО СЕМЕЈСТВО, работиме посветено за ТОПОЛ ДОМ И ГРИЖА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ.

СОС Детско село ја започнува својата работа со формирање на Здружението на граѓани во 2001 година. Од приемот на првото дете во 2002 година, организaцијата континуирано се развива и го проширува своето поле на делување. 

Денес, СОС Детско село се грижи за деца и млади без родителска грижа и посветено работи на полето на социјална превенција. Ги зајакнува семејствата во социјален ризик во кои децата се во најголем ризик да ја загубат грижата од своите родители, а истотака нуди поддршка на млади кои ја напуштаат грижата преку мерки за осамостојување и вработување.

Истовремено, имплементира и многу програми и проекти за деца и млади во социјален ризик, како и проекти за градење на капацитети на институциите и професионалците кои работат во системот на згрижување на деца без родителска грижа. Активно ги застапува и лобира за оствaрување на детските права, како и за промени во законите и подзаконските акти, со цел создавање на поволна средина за обезбедување  на висококвалитенти социјални услуги на корисниците.

Годината која изминува помина во знакот на глобалната Ковид пандемија, која од корен промени многу сфери на живеење и за жал ранливите категории ги направи уште поранливи. Во Вашиот фокус годинава приоритет беа 590 деца, млади и семејства кои ги поддржавте преку низа различни програми. Може ли подетално да ни кажете каков тип на програми реализира СОС Детско Село?

Почнувајќи од 2001 година, СОС Детско село веќе 20 години е посветено на грижа и поддршка на децата и младите без родителска грижа. Покрај тоа, веќе 13 години работиме и ги поддржуваме семејствата во социјален ризик со цел да превенираме децата да ја загубат грижата од своите родители.

Неизбежно е да го споменам живеењето и работењето во 2020 во услови на светска пандемија која не засегна сите нас, и професионално и приватно и не допре во секоја сфера на нашето живеење. A најмногу во клетката на нашето живеење…..нашите семејства и нашите блиски и  нашите колеги за кои здравјето и сигурноста ни беше прв приоритет. За жал, имавме и колеги и млади кои беа заразени и тоа бараше максимална посветеност и организација со цел работата да продолжи непречено и истовремено да заштити здравјето на другите деца и вработени.

За СОС Детско Село во 2020 година приоритет беа 590 деца, млади и семејства  на кои им требаше нашата поддршка. Нашата работа е организирана преку следните програми:

  1. Програма за поддршка на СОС згрижувачки семејства

Во периодот на најригорозните мерки и карантин, СОС Семејствата се соочија со големи предизвици кога имаше по 4-5 деца во секое семејство, кога децата не одеа на училиште и кога требаше на секое дете да му се обрне внимание и да му се помогне да ја следи наставата и да ги заврши училишните задачи. СОС Родителите со поддршка од нашите стручни тимови  со голема смиреност и посветеност се справија со овој предизвик и успеавме 57 деца без родители да бидат здрави и безбедни и редовно да посетуваат настава. За овие деца се грижат 13 родители кои живеат во посебни куќи, 10 семејни помошнички а исто така добиваат и поддршка од стручен тим (психолог, педагог, дефектолог и социјален работник) на дневно ниво.

2. СОС програма за грижа на млади згрижува 28 млади од 14-18 годишна возраст, на кои најтешко во време на оваа пандемија најтешко им падна ограничувањето за движење и дружење со своите врсници. Тие се поддржани од 20 стручни работници и негователи со грижа и поддршка 24/7 и се грижеа да им се обезбедат не само основните потреби туку и да им се обезбеди потребната психосоцијална поддршка, кариерно советување и стекнување на вештини за осамостојување.

3. СОС ПРОГРАМАТА за осамостојување на младите поддржа 32 млади над 18 години, која што го заокружува циклусот на грижа и е клучна за поддршката на овие млади и која полека но сигурно им помага да станата самостојни граѓани на нашата заедница и да ги остварат своите животни желби, да се стекнат со високо образование и да станат еднакви со сите нас да работат, да имаат свој дом, професија и свое семејство.

4. Советодавни центри – 233 КОРИСНИЦИ , преку нашите два  советодавни центри ( едниот е во Општина Гази Баба а другиот во Општина Шуто Оризари) поддржавме вкупно 233 деца, млади и родители, од социјално загрозени семејства, кои во оваа 2020 година се соочија со уште поголеми проблеми и на кои им обезбедивме материјална помош, психолошко советување, социјална поддршка и донации и пристап до здравствени и социјални услуги за да го пребродат овој исклучително тежок период за нив. Од планираните семејства за 2020 обезбедивме хуманитарна помош за уште 25 семејства во општините Шуто Оризари и Гази баба со компјутерска опрема, облека, потреби во домот и зајакнување на нивните родителски вештини. Тоа беа пред се, самохрани мајки, многудетни семејства и семејства каде што децата беа во ризик да ја изгубат родителската грижа и да бидат сместени во друго семејство или установа. Важноста на оваа превентивна поддршка е многу голема и за жал сеуште недоволно препознаена и од заедницата и од институциите на државата бидејќи само така ќе превенираме голем број на деца да останат без родители, да останат на улица, да питачат или да бидат злоупотребувани во мрежите на трговија со луѓе и други криминални форми.

5. Преку СОС Проектот ‘Зајакнување на млади преку нови можности’‘ поддржан од Германското министерство за соработка и развој, подржавме 64 млади без родители и социјално исклучени млади лица) во Скопје, и уште 50 млади во Битола, Прилеп и Тетово во партнерство со локални граѓански организации. Во рамки на проектот младите го унапредуваат својот личен и професионален развој преку обуки за основни животни вештини и за вработливост, стручни обуки, job shadowing, практиканство, спојување со работодавачи и вработување, проследени со континуиран коучинг и психо-социјална поддршка. Крајната цел е зголемување на вештините за вработување и успешна интеграција на младите од ранливи категории на пазарот на труд.  Иако почетокот на проектот се поклопи со појавата на пандемијата, продолживме со поддршка на младите, применувајќи алатки за онлајн учење, обуки и вебинари, а првични резултати се вработување на 10 млади луѓе.

6. Преку ПРОЕКТ финансиран од ЕУ Фондови, заедно со невладината организација Млади Правници, дадовме правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела и помогнавме на 47 лица, со психосоцијална поддршка но и правни совети како да се изборат за своите права во правните лавиринти.

Насилството помеѓу децата и младите сè повеќе зема замав во нашата држава. Се соочуваме и со други предизвици како што се заведување со цел злоупотреба, криминал преку интернет и зголемено врсничко насилство во училиштата. Дете кое е малтретирано, злоупотребувано без оглед во каква форма или запоставено нема основни услови за нормален , раст и развој, нема можност за безбеден живот. Посебно место зазема семејното насилство за кое започна поотворено да се зборува и позитивно е што се преземаат активности за подигнување на свесноста и превенција.

7. Со средства  доделени од Владата на СРМ, поделивме хуманитарни пакети на дополнителни 50 семејства и лица, кои не се во ниедна наша СОС програма за поддршка, но живеат на маргините на општеството во најголема сиромаштија од кои некои немаат ниту адреса на живеење а некои ни документи заради што не остваруваат право на социјална и здравствена заштита.

Индивидуалната филантропија е можноста секој поединец да споделува вредности со некоја хуманитарна кауза и да овозможува остварување на нивните цели. Колку во нашата земја е изразена таа индивидуална филантропија и може ли да дефинираме на некој начин профил на индивидуални поддржувачи на Вашата кауза?

Индивидуалната филантропија е нешто што треба сите заедно да го развиваме како чувство и определба и да го пренесуваме на нашите поколенија. Со посебен акцент на посветеното индивидуално донаторство кое може да придонесе во голема мера да се исполни нашата мисија ниту едно дете да не расте само. Наши поддржувачи се најчесто лица кои имаат висока свест за тоа дека мора да ни биде важно што се случува околу нас и дека сопствената среќа е поголема кога и другите околу нас се задоволни и среќни или во најмала рака им се задоволени барем егзистенцијалните потреби. Тоа се мажи и жени, вработени лица од 25 до 55 години, иако има исклучоци и наши поддржувачи и над оваа целна група.

Секој индивидуалец согласно своите можности може да биде значаен поддржувач на нашата работа со месечна донација од  200, 500 денари или било кој друг износ .

Постојат повеќе начини да се вклучат индивудуалците и да ја дадат својата поддршка:

  1. Преку онлајн формата за редовно месечно донирање на сума по избор
  2. Преку изјава за донирање од плата.
  3. Преку траен налог во банка.
  4. Преку донација со уплатница

Искуствата од другите земји вклучувајќи ги и Балканските земји ни покажува дека со подигнување на свесноста за потребата и важноста од посветеното индивудуално донаторство може да се направат долготрајни промени и да се поддржат децата на кои им е потребна нашата помош.

Посветеното индивидуално донаторство доколку го развиеме и во нашата земја на ниво како што тоа го направија и другите соседни земји ќе можеме да кажеме дека ќе биде главен столб во реализација на нашата мисија’’ Ниту едно дете да не расте само’’.  Помагајќи ги програмите за децата на овој начин, индивидуалните донатори активно ќе влијаат во развојот и градење на подобро општество за сите.

Секако, корпоративните донации и поддршката од општествено одговорните компании во земјава се од исклучително важно значење, што за Вас значат овие долгорочни партнерства?

СОС Детско село  со години е силно поврзано со бизнис заедницата и дел од своите активности ги реализира благодарение на практикувањето на општествената одговорност  на компаниите кои веруваат во нашата мисија.

Благодарение на поддршката на компаниите и организациите заедно ги менуваме детските животи и создаваме можности за децата кои во животот немале можност да имаат здраво семејство и  среќно детство и да мечтаат за успешна иднина.

Нашата грижа и посветеност на децата и младите e долгорочна и затоа сме единствени со ваквиот пристап преку кој се грижиме за децата од најмала возраст па се до нивното осамостојување и вработување. Ние сме горди бидејќи можеме да се пофалиме со голем број на  млади луѓе кои денес се самостојни, вработени и имаат свој дом и семејство. Некои од овие млади веќе се и наши донатори и поддржувачи и тие ни помагаат и понатаму да ја остваруваме нашата мисија.

Секако, сето ова не можеме да го постигнеме сами, и за тоа се заслужни и многу компании кои се наши партнери со години и го следат развојот на овие деца и млади.

Поддржувајќи нè, компаниите овозможуваат да обезбедиме најквалитетна грижа за децата, тие да растат во топол дом, опкружени со родителска љубов и поддршка. Ни помагаат да ги поттикнеме слободно да ги развиваат своите капацитетиги, да ги подготвиме за предизвиците кои со себе ги носи животот, и да им овозможиме да станат успешни млади луѓе кои активно придонесуваат во нашето општество. Преку разни обуки и практиканство и вработување, помагаат овие млади да застанат на цврсти нозе и потоа самостојно да живеат и придонесуваат во заедницата.

Поддршката е многу важна, а задоволството е дотолку поголемо кога имате и со што да се пофалите. Годинава организиравте изложба за младинецот Мартин Бурески во рамки на програмата Подршката за млади во процес на осомастојување. Може ли да ни кажете повеќе детали за оваа иницијатива?

СОС Детско село преку програмата за грижа, советување и менторство за млади, во рамки на настанот „Едно Семејство” организираше и продажна изложба на делата на Мартин Буровски како можност за поддршка на младиот и талентиран  уметник во развојот на неговата професионална кариера.  На настанот  беа изложени 12 продажни уметнички дела, кои беа купени од компании и индивидуалци. Упатуваме посебна благодарност до Пакомак, Винарија Тиквеш, Веро Маркети, ЈП Водовод и Канализација Македонија, Пивара Скопје, до Симона Димитрова и Силвана Ивановска кои со купување на неговите  дела несебично го поддржаа младиот уметник.

Неодамна оддржавте настан на кој беше присутна и првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевскаи и во духот на благодарност ја завршивте 2020 година. Што би порачале за крај на годината на сите оние кои ве поддржуваат но и на оние кои недоволно се упатени во Вашата работа? 

Голема благодарност до сите компании и индивидуалци, кои и во ова време-невреме , кога сите мораа да се справуваат со своите проблеми и предизвици, што не НЕ заборавија, што не ги изневерија овие деца и млади без родители и овие семејства кои живеат на минимална социјална помош а некои и без неа, и што помогнааа да влеземе во нивните домови и да им донесеме надеж и помош која што навистина им е неопходна.

Солидарноста и љубезноста кон другите а најдобрата човечка особина, таа не разбира јазик, таа не разбира граници или религии… таа почива на нашата универзална вредност- човечноста. Да работиме сите заедно на тоа да сите деца и млади (и нашите деца и внуци) живеат во општества каде што сите ќе имаат право на подеднаква среќа и да се стремиме колективната среќа на заедницата да биде неизоставен порив на секој човек И СЕКОЕ ДЕТЕ ДА ИМА СВОЈ ТОПОЛ ДОМ, СЕМЕЈСТВО И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА И ЉУБОВ!

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •