Загуби од 22 до 40 проценти во првиот квартал и пад на профитот за 40 до 60 отсто, забавени производни активности поради ограниченото работно време и движење, затворање на вообичаените канали за продажба, несигурен пласман и проблеми со откупот, се само дел последиците што ги предизвика КОВИД-пандемијата во македонското земјоделство. Анализи покажуваат драстичен пад на цените на одделни производи како јагнето, зелката, грозјето, тутунот, што дополнително ја влушува економската состојба на малите земјоделци. Високи 50,98 отсто од претпријатијата, пак, во агро секторот се сочуваат со откажување или одложување на склучените нарачки.
И земјоделците и науката се согласно во констатацијата дека корона кризата ги извади на површина слабостите и ги продлабочи децениските проблеми. Го отвори и прашањето дали како земја зависна од увоз, ќе имаме доволно храна. Бизнис заедницата го гледа извозниот потенцијал во млечната, винската, месната и мелничката индустрија. Смета дека приоритети во земјоделството треба да бидат: окрупнување на земјиштето, промена на методологијата на субвенционирање и унапредување на органското производство и на руралниот развој.
Глобалната криза уште еднаш покажа дека малите производители се најранливата категорија, бидејќи истовремено мора да се справат со шокот предизвикан од пандемијата, како од здравствен, така и од економски аспект. На самиот почеток се создадоа проблеми во дистрибутивните канали, се зголеми невработеноста во руралните средини поради стравот на населението како ќе се справи ако евентуално заболи од КОВИД зашто инфраструктурата е лоша, нема болници и амбуланти во селата. Потребно е да се работи на развивање на пазарот на кредити, како и на факторинг и лизинг услугите во земјоделството. Особено е изразена потребата од воспоставување државен гарантен фонд и кредити димензионирани за малите фармери, а треба да се размислува и за поддршка на воспоставување земјоделски кредитни унии (задруги), кои ќе овозможуваат капитал за своите членови. Корона кризата ја потенцира и потребата од стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување по достапни цени.
Истовремено, Владата на РС Македонија најави 150 милиони евра субвенции, но и интервентни мерки онаму каде што ќе се оцени дека има потреба. Во фокус ќе бидат и намалувањето на руралната сиромаштија, како и малите фарми кои се многу важен дел од синџирот за сигурно обезбедување храна.
Земјоделството учествува со 10 – 12 отсто во домашниот БДП, но има огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност. Извозот на прехранбени производи во првиот квартал од 2020 година изнесувал 135,3 милиони евра што е 10 отсто помалку од истиот период во 2019-та кога бил 148 милиони евра. Увозот бележи благо зголемување од 4,4 проценти или 282,9 милиони евра, а за истиот период во 2019 година достигнал 271,1 милион евра.
Согласно податоците од Државниот завод за статистика, во 2019 година е остварен највисок извоз на храна во изминатите 10 години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи. Овие факти загрижуваат ако се земе предвид новонастанатата здравствена и економска криза предизвикана од КОВИД годинава, како и тоа дека сме увозно зависна земја.
Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија