Светската здравствена организација (СЗО) ги повика европските земји да сторат повеќе во спречување на ширењето на новиот сој на корона вирусот којшто за прв пат беше откриен во Велика Британија, јавува Би-би-си. Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге рече дека потребни се поостри мерки за „израмнување на стрмната вертикална линија“ на зголемениот број на случаи во некои земји.
Тој додаде дека сега веќе 22 земји од Европа пријавиле оти имаат заболени лица на ковид-19 од новиот сој, оквалификувајќи го ова како „алармантна ситуација“.
Инаку, британските власти на крајот од декември лани излегоа со проценка дека новиот сој на корона вирусот се шири околу 70 отсто побрзо, но тоа не значи дека тој е и повеќе опасен за оние лица што ќе бидат инфицирани со него.
Во делот на вакцинирањето и издавањето на т.н. „вакцинални пасоши“, СЗО соопшти дека засега е против воведување на ваквите сертификати за вакцинација против ковид-19 како услов за патување во други држави. Неколку држави досега најавија дека се заинтересирани да почнат да издаваат вакви сертификати, меѓу нив и Шпанија, Белгија, Исланд, Естонија и Данска.
„И понатаму има толку многу непознаници во врска со ефективноста на вакцините во намалување на пренесување на вирусот, а вакцините и понатаму се достапни само во ограничени количини“, велат од СЗО.
Во меѓувреме, Индија денеска ја започна масовната вакцинација на населението во оваа азиска земја. Станува збор за најголемата програма за вакцинирање на светот во моментов, со 3.006 локации за вакцинирање кои наеднаш беа отворени, информираат од Амбасадата на Индија во Софија, надлежна и за Македонија. Индискиот премиер Наредна Моди изјави дека со вакцини против ковид-19 ќе бидат вакциниран над 1,3 милијарди луѓе во Индија.
Извор – Мета.мк