Проектот „Респираторна машина“ поддржан од #ФИТР преку натпреварот КРЕАТОН освои златен медал на натпреварот во OFEED Мароко 2020.Патентот доби и прва награда за 2020 година во конкуренција од сите регистрирани патенти за тековната година од заводот за индустриска сопственост. Овие машини даваат конкретен придонес во битката со коронавирус, но и други болести.
Единствени се за употреба и може да работат без прекин 14 дена. Ова решение било базирано на два научни труда од 2001 година.Ова е еден од 16 избрани решенија во рамки на јавниот повик на ФИТР, Креатон, наменет за креирање на дигитални алатки и решенија за справување со последиците од Ковид-19.
Паметна респираторна машина е иновација на кавадаречкиот иноватор Димитрија Ангелков, кој е познат и по неговите иновации: паметна интерактивна училишна табла, филтер за прочистувачи со стерилизатори за училишта, паметни канти за селекција на отпадот, а во последниот период и по визир маските за заштита од коринавирусот. Неговата најнова иновација – смарт респиратор е стара идеја, која неколку години го чекала вистинскиот момент. Интензивно се развива во последните неколку месеци откако започна светската пандемија на Ковид 19. Ангелков и неговиот тим се одзваа на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за иновативни решенија за справување со последиците од Ковид 19 и развија прототип на лесна, мала и лесно пренослива респираторна машина, со која сакаат да бидат опремени сите амбулатни возила во земјава. Изработена е претежно од пластични делови, а лесна е и за одржување и целата може да се стерилизира со помош на гас за стерилизација.
Како што пишуваше Иновативност, една од најголемите предности на респираторот е што амбу маските, кои медицинскиот персонал ги користи рачно, во респираторот се сместени во комора во која протекува компримиран воздух однадвор. Тој создава притисок и ја пумпа маската и обезбедува кислород за пациентот. Она што е уникатно за овој респиратор и го прави различен од сите слични кои постојат во светот, е што користи погон на компримиран воздух, а не мотори.
„Моторите создаваат електромагнетно зрачење кое пречи на многу медицински апарати, ја ограничува можноста за користење на респораторот и создаваат бука. Таквите решенија не ги поминуваат медициските тестови, за разлика од компресорите за воздух кои можат да стојат во било која просторија и на било кое растојание од пациентите“, изјави Ангелков во интервју за Иновативност.