Можеби звучи како нешто од научно-фантастичните филмови, но научниците успеаја да создадат спанаќ кој може да испраќа и-мејлови.
Инженерите од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) преку користење на нанотехнологија го претворија растението во сензори кои можат да откриваат експлозивни материјали. Ваквиот спанаќ потоа безжично може да испраќа информации до научниците, пренесува Еуроњуз.
Кога корените на растението ќе забележат присуство на нитро-споеви во подземните води, состојка која често е присутна во експлозивите и мините, јаглеродните наноцевчиња во лисјата на спанаќот испраќаат сигнал. Овој сигнал потоа се чита со инфрацрвена камера и испраќа мејл до компјутерите на научниците.
Овој експеримент е дел од поголемо истражување кое вклучува електронски компоненти и системи во растенијата. Технологијата, која е наречена растителна нанобионика, е успешна во тоа на растенијата да им се дадат нови способности.
„Растенијата се одлични аналитички хемичари. Имаат широка мрежа на корени во почвата и постојано ги испитуваат подземните води и имаат начин преку кој самостојно ја транспортираат водата до лисјата“, објаснува професорот Мајкл Страно, кој го предводи истражувањето.
„Ова е нова демонстрација на тоа како успеваме да ја премостиме комуникациската бариера помеѓу луѓето и растенијата“, додава тој.
Иако целта на истражувањето е откривање експлозиви, Страно верува дека оваа технологија може да се користи за да ги предупреди научниците за загадувањето и еколошката состојба.
Бидејќи растенијата собираат огромен број информации за нивната околина, тие се одлично позиционирани за да ги мониторираат еколошките промени.
Во раната фаза на истражувањето Страно користел наночестички со кој растенијата се претвараат во сензори за загадување. Преку промена на начинот на кој растенијата вршат фотосинтеза тој успеал да направи тие да откриваат азотен моноксид, загадувач кој е предизвикан од горење.
„Растенијата реагираат на околината. Тие знаат дека ќе има суша многу пред тоа ние да го дознаеме. Можат да откријат мали промени во почвата и потенцијалот за вода. Ако успееме да навлеземе во тие хемиски сигнализирања, тука се наоѓа богатство на информации“, вели Страно.
Радио МОФ
Фото – Euronews