Што покажа деталната анализа за спроведување на далечинското учење во Македонија?

- Advertisement -

Повеќе од половина, односно 62 проценти од наставниците ја изведувале онлајн наставата од својот дом со сопствен компјутер. Со ваков предизвик се соочиле и самите ученици, 21 отсто немале стабилна интернет конекција, а 4 отсто немале уред за следење на наставата. Ова го покажува анализата од истражувањето на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Фондацијата Конрад Аденауер со која се опфатени 763 средношколци и 390 наставници од сите осум статистички региони во Република Северна Македонија во квантитативен и квалитативен пристап со анкетните прашалници и длабинските интервјуа спроведени во периодот од 25 декември 2020 година до 15 јануари 2021 година со фокус на првото полугодие во учебната 2020/2021 година.

Околу 36 проценти од учениците, далечинското учење го оцениле како одлично или многу добро. Но, наставниците сметаат дека начинот на кој програмите биле скратени бил направен набрзина и со задоцнување, односно на крајот на месец септември пред самиот почеток на учебната година, што оставило малку простор за нивно приспособување, а не се задоволни ни од начинот на кој тоа било изведено.

- Advertisement -

Во однос на алатките, 67 отсто од онлајн наставата се одржувала со користење на Мајкрософт тимс платформата, додека пак значителен процент, 22 отсто сè уште претставува и испраќањето на задачи и презентации. Само девет отсто во случаите се користела Националната платформа, а мал процент, 2 отсто отпаѓа на користење на други платформи.

„Националната платформа била многу малку користена за одржување часови. Клучно во овој период е тоа што МОН започна со изработка на новата Национална платформа за далечинско учење преку која требаше да биде овозможено целиот образовен процес да се спроведува преку истата“, велат од ЛЕАД.

- Advertisement -

Меѓудругото, анализата исто така покажува дека спроведувањето на онлајн часовите не било до крај безбедно. 20 проценти од учениците изјавиле дека се има случувано лица кои не се дел од класовите да се вклучат и да бидат дел од други часови, додека 22 отсто од учениците исто така се чувствуваат небезбедни за време на далечинската настава и часовите.

Освен ова, истражувањето покажува дека евалуацијата и фидбекот се сè уште слаба точка во средното образование. Речиси и да нема училишта кои спроведуваат структурирана евалуација, а постои голема бројка на ученици од кои никогаш не било побарано мислење.

- Advertisement -

Целосното истражување може да се прочита на овој линк.

Сподели!
- Advertisement -