Бесими: Економската криза завршува и според песимистичкото сценарио

- Advertisement -

По првото тримесечје од 2021 ќе почнат да слабеат ефектите од здравствената криза и соодветно на тоа ќе почне да се враќа довербата на инвеститорите, како и да се намалува преголемата претпазливост на потрошувачите, што би резултирало со стапка на раст на економијата од 4,1отсто, согласно основото сценарио. Дури и да се случи песимистичко сценарио, односно пролонгирање на пандемијата, сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

– Со почетокот на имунизацијата се очекува да расте довербата кај инвеститорите и потрошувачите, што ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка. Со закрепнувањето на нашите трговски партнери ќе расте и надворешната побарувачка. Како што изминува времето, се очекува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети и поволни ефекти од економските мерки. Евентуалното пролонгирање на пандемијата би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и домаќинствата, намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство. Во тој случај закрепнувањето на домашната економија ќе биде значајно забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст,  истакнува министерот во интервју за „Капитал“.

- Advertisement -

Тој наведува и дека тенденцијата на постепено враќање на цените на суровините на светските берзи од преткризниот период укажува на раздвижување на економијата.

-Движењата на цената на нафтата, како и цените на основните метали, односно на примарните производи укажуваат на раздвижување на индустријата во светски рамки, а секако има и позитивен контекст за домашниот извоз. Од друга страна, намалувањето на цената на златото на светските берзи, укажува на подобрување на очекувањата на економските субјекти за светската економија. Согласно последниот преглед на Меѓународниот монетарен фонд на глобалната економија од јануари 2021 година, кризата ќе почне да бледнее во првото полугодие од годината, додека потенцијалот за раст ќе се зголеми во втората половина, особено со зголемување на достапноста на вакцините и намалувањето на ригорозните мерки за социјално дистанцирање, рече министерот за финансии.

- Advertisement -

Бесими посочува дека процесот на подобрување на состојбите во нашата економија започнал уште минатата година.

-Бруто-инвестициите во третиот квартал од 2020 година забележуваат раст од 4,2 отсто, што доаѓа по високиот пад од над 30 отсто во второто тримесечје од 2020 година, а се должи на раст на инвестициите во градежните работи, како и во машините и опремата. Ублажен е и падот на потрошувачката, главно поради високиот раст на јавната потрошувачка од 13,5 отсто. Четвртиот квартал од 2020 година, согласно високофреквентните (месечни) податоци, има понатамошно подобрување на состојбите од аспект на надворешно-трговската размена и од аспект на индустријата и искористеноста на капацитетите. Позитивните тенденции продолжија и во првиот месец годинава, а во подобрувањето на состојбите свој удел имаат и досега преземените четири пакети антикризни мерки, вели Бесими.

- Advertisement -

Министерот за финансии посочува дека проекцијата на Министерството за финансии за раст на економијата од 4,1 отсто за годинава е во линија со проекциите на останатите меѓународни финансиски институции за земјава кои се движат од 5,5 отсто на ММФ до 3,6 отсто на Светска банка

Сподели!
- Advertisement -