Ѓорѓи Самарџиев развива иновација со која кровните градини се прават со едно качување на кровот!

- Advertisement -

Кровните градини се многу добро познат концепт во светот, кој во последните децении на масовна урбанизација и загадување на воздухот во големите градови, добива уште поголемо значење. Секој дополнителен квадрат зеленило ја облагородува околината, а рамните кровови на објектите, кои често се присутни и во нашите градови се идеална локација за тоа.

Долгогодишното искуство во уредувањето градини и производството на растенија, македонската компанија „Фоја“ го вложи во создавање на уникатен и иновативен модел на создавање екстензивни кровни градини. Компанијата постои од 2005 година, а ја основале Ѓорѓи и Христина Самарџиеви. Денес, „Фоја“ има широк асортиман на производи и услуги во областа на хортикултурата. Досега работеле на дизајнирање и уредување на  повеќе кровни градини од различен тип во Македонија и Хрватска.

- Advertisement -

Најновиот проект на кој што работат, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, е инстант вегетативниот модул „Семпервел“ кој на пазарот треба да се појави есенва. За предностите на изработка на кровни градини со овој иновативен продукт разговараме со Ѓорѓи Самарџиев.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-дин Самарџиев, објаснете ни што е инстант вегетативен модулСемпервел“ наменет за кровни градини, кој во моментов го развивате со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој?

Модулите „Семпервел“ се еден вид плитки гајби исполнети со специјално подготвена супстратна мешавина, посадени со неколку видови растенија покривачи – перени од родот Sedum. Тие се одгледани во расадник, се додека не се рашират и закоренат на 80 отсто од површината. Гајбите се изработени од полиетилен, материјал кој е погоден за понатамошно рециклирање и дизајнирани се да поднесуваат товар, екстремно високи и ниски температури и лесно и цврсто да се спојуваат. Во нив се задржува одредена количина на вода, а вишокот го дренираат.

- Advertisement -

Намената на модулите за екстензивни кровни градини произлегува од видот на растенијата, кои се исклучително отпорни на климатски влијанија и минимално се одгледуваат, во споредба со тревниците или традиционалните градини и не се наменети за интензивно газење.

Што е иновативното во овој систем за кровни градини?

Кровните градини од поодамна се изработуваат во светот, а во помал обем и кај нас. Вообичаено, тој процес се случува во одвоени фази. Прво се инсталира дренажно- акумулациониот слој, потоа се поставува супстратот и на крај се садат растенијата. Со нашите иновативни инстант модули, пак, сите активности претходно се завршени во расадникот и само со едно качување на кровот од зградата се завршува инсталирањето и сите три фази одеднаш. На овој начин, покрај тоа што се олеснува реализацијата на крвните градини, се намалуваат и трошоците.

Овој тип на зеленило не е многу карактеристично за нашата средина. Мислите ли дека овој тренд на зазеленување на крвовите во урбани средини ќе стане тренд и кај нас како во западните земји?

Вегетативните модули се новитет во последните неколку години. Тие се уште не се масовно распространети и не се произведуваат на Балканот и во некои делови во Европа. Нашиот индустриски дизајн и карактеристиките на производот го прават единствен и уникатен. Производот веќе е и регистриран.

Точно е дека овој тип на зеленило, како и кровните градини воопшто, не се доволно застапени кај нас. Но, како што се развиваат градовите, правецот во кој се движи урбанизацијата и порастот на загадувањето ја наметнуваат потребата од прилагодена вегетација во состав на објектите. Трендот на кровни градини очекуваме масовно да продолжи, да биде опфатен со законска регулатива и да биде задолжителен за сите нови урбани зданија и да биде минимална компензативна мерка за трајно заробената зелена површина.

Што ќе биде најголемата потешкотија да се пробијат кровните градини на нашиот пазар и да ги прифатат вашите клиенти?

Нашиот пазар е отворен за новитети, но имплементацијата е бавна и незадоволителна заради повеќе фактори. Првенствено, групата на заинтересирани клиенти е мала, а и локалните добавувачи се недоволно атрактивни. Сето тоа е дополнето со феноменот на „најниска цена“. Сепак, ние веруваме дека доколку развиеме квалитетен, лесно достапен домашен производ, кој е ценовно прифатлив, овие позитивни атрибути ќе бидат пресудни за негов голем пробив на пазарот. Секако, паралелно со зголемената побарувачка ќе се појават повеќе и поквалитетни понудувачи.

Има ли услови на нашите стари згради со рамни кровови да се направат вакви градини? Какви услови, генерално се потребни за кровна градина?

Потенцијално, на сите рамни кровови со добра изолација, кои конструктивно може да носат дополнителен товар од минимум 100 килограми на еден квадратен метар се погодни за екстензивни кровни градини. Постојните одводи можат да се искористат со мало прилагодување, додека доводот на вода за инсталирање на систем за полевање, доколку го нема, би требало да се обезбеди.

Какви растенија може да се засадат на кровна градина?

Кровните градини се делат на екстензивни и интензивни, што зависи од обемот на одгледување и интензитетот на користење. На пример, екстензивните кровни градини може да се подигнат на супстрат од осум до десет сантиметри и на нив се садат најчесто видовите од родот Sedum spp, ниски отпорни покривачи за кои е потребно минимално одржување. Тие еднаш годишно се косат, повремено се плеват и полеваат, но не поднесуваат интензивно газење. Наспроти нив се интензивните градини или стандарни тревници, кои се подигнуваат на минимум 18 до 20 сантиметри супстрат. За нив треба секојдневно полевање и косење еднаш во неделата.

Постојат и мешани градини, каде помеѓу ниското зеленило се формираат зони со подлабок супстрат и таму се садат повисоки растенија. Големината и видовите растенија кои може да се употребат директно зависат од длабичината на супстратот и микроклиматските услови. Во основа, во овие градини треба да се избегнуваат растенија со агресивни корења кои брзо и неконтролирано се шират.

Овој проект го развивате во соработка со ФИТР. Како дојде до оваа соработка?

Искрено ја поздравувам идејата и работата на оваа институција. Таа е механизам за реализација на многу иновативни проекти. Ние, конкретно со нашиот проект се јавивме на вториот повик на ФИТР со кофинансирана поддршка. Конкуренцијата од апликанти беше голема, ние ги поминавме селективните фази, беше неизвесно, но благодарение на експертите во ФИТР потенцијалот, вредноста и бенефитот на производот беа препознаени.

Дали концептот планирате да го пробивате и на други пазари?

Секако. Тоа е наша примарна цел. Прво сме насочени кон тоа да го обезбедиме и потврдиме квалитетот, а потоа ќе следи официјалната промоција и пласман на производот на пазарот.

Колку овие градини можат да допринесат за зголемување на зеленилото во градовите, особено во борбата со загадувањето?

Бенефитите од кровните градини се евидентни секаде каде што се применети масовно. Со нив се намалува слободната прашина, зрачењето и затоплувањето на атмосферата, како и бучавата. Исто така намалени се и трошоците за греење и ладење на внатрешните простории, а при поројни врнежи вишокот вода низ олуците бавно се дренира на улиците и во одводите со што е намалена опасноста од поплавување. Едноставно, со кровните градини е зголемена вредноста на објектите кои ја имаат и кои со неа добиваат драгоцен природен амбиент за релаксација, одмор и дружење.

Сподели!
- Advertisement -