Седумгодишната образовна програма на Европската Унија „Еразмус + (2021-2027)“ е официјално објавена. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) соопшти дека Програмата е со историски највисок буџет досега, 28,4 милијарди евра на европско ниво и предвидува повеќе од 10 милиони учесници.
НАЕОПМ соопшти дека Буџетот на Програмата е направен од основните 24,574 милијарди евра, како дел од новиот MFF (2021-2027) и надополнување од 1,7 милијарди евра. На веб-страницата на Агенцијата се достапни сите информации кои се однесуваат на повикот за учество во Еразмус+, вклучително начинот на распределба на буџетските средства, како и насоки за креирање успешна апликација.
Во видеообраќања по повод седумгодишната европска образовна програма и можностите што ги нуди се осврнаа амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир и директорот на НАЕОПМ, Марко Ѓоргиевски.
Евроамбасадорот Гир изјави дека Еразмус+ ќе продолжи да им нуди на студентите, наставниците, учениците и претпријатијата можности да учат, работат и да учествуваат во програми за практиканство и размени низ цела Европа, зајакнувајќи го нивното знаење и искуство во меѓународното опкружување со други студенти од цела Европа додека осознаваат нови култури.
„Особено ми е драго да соопштам дека пакетот Еразмус+ за 2021- 2027 ќе вклучи повеќе учесници, има значително зголемување на финансирањето и има сè повеќе фокус на некои од главните предизвици со кои се соочуваме денес. Зелените и дигиталните транзиции, социјалното вклучување и поголемо учество на младите во демократскиот живот“, рече Гир.
Тој ги наведе достигнувањата на Еразмус+ во Северна Македонија, посочувајќи дека само во 2019 година околу 2200 учесници имаа корист од проектите Еразмус+ во вредност од 4,3 милиони евра за мобилност во високото образование, стручно оспособување, училишно образование, учење на возрасни.
Во 2019 година, 91 организација имале корист од 2,4 милиони евра – проекти во рамки на компонентите од програмата за Стратешки партнерства – дизајнирани да промовираат размена на иновативни практики помеѓу училиштата, универзитетите, јавните институции и претпријатијата.
„Сега, како што знаете, во Северна Македонија Еразмус+ работи рамноправно со земји членки на ЕУ“, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓоргиевски истакна дека негова одговорност и лична заложба е да се воспостави редовна комуникација со јавноста и, како што рече, да го прикажеме јасно начинот на кој работи оваа институција.
„Само на овој начин ќе ја добиеме довербата на нови корисници и ќе овозможиме Еразмус семејството во Северна Македонија да продолжи да расте. А со својот раст да придонесе за развој на нашите млади, вистински и трајни позитивни промени во образованието“, рече Ѓоргиевски во видеообраќањето по повод официјалното објавување на новата програма Еразмус+ за периодот 2021-2027.