Во Стопанската Комора на Букурешт во Романија од денеска до 18 јуни е отворена „Неделата на македонски производи“, каде што се изложени штандови со брендови од прехранбената, млечната, кондиторската и винската индустрија од повеќе македонски компании.
Инаку, како што соопштија организаторите, пред отворањето на „Неделата на македонски производи“ директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески денеска на романските стопанственици им ги презентираше македонската бизнис клима и извозните потенцијали.
Присутните стопанственици беа запознаени со поволностите кои што се на располагање на инвеститорите, поддршката на извозот како и со условите за трговска соработка.
„Традиционално добрите врски и пријателски односи меѓу двете земји и народи нека бидат поттик за зголемување на вкупната трговска размена, создавање на можности за меѓусебни инвестиции и соработка на компаниите за вклучување во своите вредносни синџири“, акцентираше Павлески.
„Неделата на македонски производи“ беше отворена во присуство на министрите за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Аријанит Хоџа, како и на стопанствениците од двете земји.
Настаните се организирани во рамките на „спортската дипломатија“ и учеството на нашата репрезентација на Европско првенство во фудбал, а на иницијатива на канцеларијата на претседателот на Владата на Северна Македонија, македонскиот амбасадор во Букурешт, Габриел Атанасовски и Стопанската комора на Букурешт.
(МИА)
(фото: Pixabay)