„Поддршка на жените претприемачи за време на нивното дигитално патување“ е темата на вториот регионален Мастерклас за жени од е-трговија од Балканот, што ќе се одржи на 30 јуни и 1 јули во виртуелен формат. Мастеркласот е дел од eTrade for Women иницијативата на УНКТАД (Телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој).
Настанот се организира под водство на Нина Ангеловска, која е назначена за УНКТАД Амбасадор за e-трговија за Балканот, а во коорганизација на УНКТАД и Асоцијација за е-трговија на Македонија каде Ангеловска е претседател. Тој е дел од серијалот „eTrade for Women Masterclasses“, кој се организира низ целиот свет, во соработка со жените – амбасадори за е-трговија на УНКТАД.
– Регионалниот Мастерклас има за цел на едно место да собере 100 жени – дигитални претприемачи кои управуваат со дигиталната економија на Балканот (Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија) и да им даде шанса да ги унапредат своите вештини и да се запознаат со други успешни жени од регионот, наведува во најавата за настанот Асоцијацијата за е-трговија во Македонија АЕТМ.
Првиот ден од Мастеркласот ќе биде во „конференциски стил“, каде што сите учесници ќе можат да научат релевантни работи од еминентни говорници и експерти поврзани со е-трговијата преку keynote презентации. Во првиот ден од агендата ќе можат да се проследат и панел дискусија на високо ниво за креирање на политики во е-трговија, во која ќе учестуваат претставници од УНКТАД, од Холандската амбасада во земјава, од албанското Министерство за финансии и економија, претседателот на АЕТМ и претставник од приватниот сектор од Србија, како и неформален „Fireside” разговор со Нина Ангеловска, кои ќе бидат достапни за целата јавност, во живо, преку социјалните профили на АЕТМ и УНКТАД.
Вториот ден од Мастеркласот ќе биде т.н. „интерактивен ден“, посветен на интерактивни сесии за учење, како и на сесии за меѓусебно запознавање за учесниците и презентирање на нивните бизниси, стои во соопштението. лв/сп/