Преку алатката sirera.mk ќе се следи спроведувањето на националните фондови за рамномерен регионален развој

- Advertisement -

Електронскиот систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиките за рамномерен регионален развој – sirera.mk , наречен СиРеРа денеска официјално беше предаден на управување на Министерството за локална самоуправа.

Станува збор за ИТ базиран систем за следење на спроведувањето на националните фондови за рамномерен регионален развој што треба да обезбеди транспарентни и структурирани информации за да се намалат разликите во степенот на развиеност меѓу урбаните и руралните општини, како и меѓу Градот Скопје и остатокот од државата. Системот врши собирање, користење и архивирање на сите податоци и информации значајни за планирање, спроведување, следење и оценување на политиката за рамномерен регионален развој.

- Advertisement -

Обезбедува база на релевантна документација за сите реализирани, тековни и планирани проекти, како и статистичко следење и прегледи на нивото на развој на регионите и информации за поврзување на програмите со нивните извори на финансирање. Има систематизирани податоци за сите планско развојни документи релевантни  за регионалниот развој на национално, регионално и локално ниво и база на податоци  со вработени професионалци во органите на државната и локалната администрација, како и база  за надворешни  експерти и стручни соработници. Содржи и финансиска матрица за обезбедување на рамномерност во распределбата на средствата преку поврзување на развојните програми во министерствата и агенциите со соодветните извори на финансирање.

Системот sirera.mk ќе биде јавно достапен на македонски, албански и англиски јазик и во секој момент ќе можат да се видат податоците каква е тенденцијата за регионален развој и дали се почитуваат критериумите и поделбата на парите според степенот на развиеност на планските региони. Изработен е во рамки на проектот Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој (Си Ре Ра) во вкупна вредност од пет милиони швајцарски франци од кои 3,3 милиони се од Швајцарската Влада, а остатокот од државниот Буџет.

- Advertisement -

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека имплементацијата на проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој започна уште во 2018 година и се заблагодари на Швајцарската амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка за соработката при неговата реализација.

„Денеска конечно добиваме одлична алатка за следење на политиката за рамномерен регионален развој, а тоа е системот sirera.mk. Функцијата на оваа  современа алатка е да и помогне на Владата, но и на министерствата, агенциите, дирекциите и останатите државни институции во процесот на успешна имплементација  на новиот Закон за рамномерен регионален развој и достигнувањето на инвестирањето еден отсто од БДП во рамномерен регионален развој како импут за развој на општините и регионите“, рече Битиќи во поздравниот говор.

- Advertisement -

Тој нагласи дека системот дава точен преглед на сите инвестиции  кои произлегуваат од националниот Буџет и се инвестираат на регионално ниво и овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции кои согласно нивните програми и буџети планираат да инвестираат финансиски средства од државниот Буџет.

„Овој систем ја зголемува транспарентноста и отчетноста на институциите, ја подобрува комуникацијата меѓу нив и ја зголемува ефикасноста и капацитетот на политиките и програмите. Дизајниран е за да овозможи лесна навигација низ голем волумен на различни типови на податоци како што се тековни и реализиран проекти, законската регулатива, национални и европски плански документи, владини програми за рамномерен регионален развој, контролни табли со податоци поделени по општини и региони, мапа на проекти, листа на институции и ред други податоци кои имаат оперативна и употребна вредност за сите владини институции и за граѓаните“, рече Битиќи.

Посочи дека системот има можности за понатамошно проширување со податоци за проекти кои се реализираат на локално ниво и се финансирани од други извори на финансирање или за складирање на готови проекти и проектни документации за реализација на проекти во општините и регионите. Алатката, како што кажа, е надополнета со десетгодишни историски податоци за да се види трендот на раст во рамномерниот регионален развој.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски посочи дека веќе се донесени сите документи што се потребни за регионален и локален развој и успешно се имплементирани во соработка со Швајцарската амбасада и УНДП.

„Советот за регионален развој води сметка во сите програми каде Владата дава пари да се запази принципот на развиеност на планските региони, односно парите да се делат во различни проценти во различни региони. Системот ќе овозможи да се направат анализи дали некој регион е запоставен во овој период или не, а доколку се утврди дека е запоставен Законот предвидува можност следната година тој регион да добие повеќе  средства од различните министерства, фондови и институции и тоа да биде координирано преку Советот“, рече Милевски.

Дигитализацијата, посочи, ќе овозможи да се добијат точни податоци како се делат парите од државниот Буџет и да се тргне фамата дека во некоја општина или регион не се инвестира или државата недоволно инвестира.

Најави дека од есенва ќе започна втората фаза од проектот Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој (Си Ре Ра) со дополнителна инвестиција од околу шест милиони швајцарски франци.

Швајцарската амбасадорка во земјава Сибил Зутер Техада истакна дека рамномерниот регионален развој е клучен за сите граѓани и додаде дека е речиси невозможно правилно да се спроведе без потребните податоци што треба да ги имаат креаторите на политиките, а во исто време значат и зголемена транспарентност и поголема координираност меѓу институциите.

Владата го препозна значењето на имањето на таков ИТ систем и помогна во неговиот развој. Токму дигитализацијата е нов клучен приоритет во Програмата за соработка од 2021 до 2024 година меѓу нашите две земји за постигнување рамномерен регионален развој. Дигитализацијата ќе овозможи да има потранспарентни демократски институции и ќе ги намали бирократските бариери и корупцијата и воедно ќе овозможи достоинствен животен стандард за сите граѓани во земјата“, рече Зутер Техада.

(МИА)

(фото: sirera.mk)

Сподели!
- Advertisement -