И годинава, на 8 Септември во Маврово повторно ќе се одржи хронометар велосипедската трка HALK VELO GREEN чиј организатор е Халкбанк АД Скопје, како дел од платформата HalkEco која има за цел поттикнување здрави животни навики и придонесување за подобра животна средина. Халкбанк минатата година за прв пат се јави во улога на организатор на спортски настан, а големиот одзив за учество во првата хронометар велосипедска трка и тоа во услови на пендемија, беше потврда дека расте бројот на корисници на велосипедот, било како превозно средство, било како начин за рекреирање.
И во годинешнава Halk Velo Green ќе се вози рута во должина од 22 км во правец Бистра – Леуново – Бистра, а учесниците и овојпат ќе се натпреваруваат во категориите ПРО и ХОБИ и тоа во машка и во женска конкуренција, со тоа што годинава за првпат се воведува и категорија ПРО Кидс за деца и младинци. За најдобрите се предвидени и вредни награди.
Категоријата ПРО ги опфаќа сите оние кои се членови на клубови во Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ), но во неа можат да возат и сите оние кои се чувствуваат подготвени да се натпреваруваат со овие велосипедисти. Категоријата ХОБИ е наменета за велосипедистите кои рекреативно се занимаваат со овој спорт. Во ПРО Кидс, во машка и женска конкуренција, ќе се натпреваруваат деца од 6 до 12 години и млади од 13 до 17 години.
Халкбанк го отвора пријавувањето за Halk Velo Green од денес, 1 јули и истото ќе се одвива преку www.halkvelogreen.mk . Годинава вкупниот број на учесници е ограничен на најмногу 500. За учество во трката е предвидена котизација која за пријавувањето во јули изнесува 800 денари, за пријавите од 1 до 15 август – 1000 денари, а за пријавување од 16 до 31 август – 1200 денари. Собраните средства од котизациите повторно ќе се искористат за набавка на садници за пошумување на површини во земјава.
Собраните средства од ланската хронометар велосипедска трка, во која беа пријавени над 300 велосипедисти кои уживаа во возењето и во прекрасната природа што ја има Маврово, беа искористени за набавка на 8000 дрвја со кои е извршено пошумување во Свети Николе.
Halk Velo Green која веќе прераснува во традиција е во знакот на тенденцијата на Халкбанк да промовира здрави животни навики кај населението и да придонесува кон зачувување на животната средина, за што сведочи и апликацијата HalkEco (www.halkeco.mk) која го охрабрува секој корисник да биде физички поактивен, еко свесен и да ја мотивира заедницата со своите секојдневни здрави навики, со крајна цел придонесување кон засадување на нови зелени површини на локации во земјата каде што истото е неопходно.