Во соседна Грција освен преку граничниот премин „Богородица – Евзони“, кој беше единствениот што досега функционираше и за македонски државјани и за странци, од вчера може да се влезе и преку граничните премини „Меџитлија – Ники“ и „Дојран – Дојрани“. Сите три гранични премини работат 24 часа.
За влез во Грција е неопходен сертификат за вакцинација (со поминати најмалку 14 дена од направената ревакцинација) или пак негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или потврда за прележан ковид-19. Сите што сакаат да влезат во Грција, мора најмалку 24 часа пред влезот на територијата на земјата да го пополнат специјалниот формулар.
Мерките ги соопшти вчера заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардалиас.
Грција вчера соопшти и дека сите што сакаат да патуваат на грчките острови од 5 јули, понеделник, ќе треба да имаат сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или брз тест не постар од 42 часа.
(Meta.mk)
(фото: Wikimedia)