Како што е официјално објавено, милиијардерот Сер Ричард Бренсон ќе биде првиот милијардер во вселената. Имено, тој планира да отпатува во вселената на 11 јули, односно десетина дена пред најавеното патување на шефот на Amazon, Џеф Безос. Леталото VSS Unity на неговата компанија Virgin Galactic на тоа патување ќе поведе четворица патници – Бренсон и тројца вработени во компанијата.
„Отсекогаш бев идеалист. Мајка ми ме научи никогаш да не се откажувам и секогаш да посегнувам кон ѕвездите. На 11 јули ќе дојде моментот тој сон да го претворам во реалност на следниот лет на Virgin Galactic“ напиша Бренсон на својот профил на Twitter.
Исто така, додаде дека Virgin Galactic по прв пат ќе овозможи пренос во живо на целиот свој лет на нивната веб страница, но и на социјалните мрежи.
„Многу сум горд и возбуден што ќе полетаме на следниот тест лет на Virgin Galactic како дел од неверојатен тим од специјалисти. Едно е да имате сон да ја направите вселената достапна за сите, а сосема друго е да имате неверојатен тим кој тој сон ќе го претвори во реалност“ додаде Бренсон.
Но, тоа не е единственото изненадување на Бренсон. Кога ќе се вратат од вселената, ќе најави нешто многу возбудливо што ќе овозможи поголем број луѓе да станат астронаути затоа што вселената им припаѓа на сите.
После успешно направениот лет, велат од Virgin Galactic, тимовите ќе го прегледаат леталото и ќе направат уште два тест-летови пред компанијата да почне да нуди комерцијални вселенски летови во 2022 година.
(Zimo)
(фото: Twitter)