Вкупно 10 стартап компании ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите Тинекс, во рамките на предизвикот „Стартап Херои”- Од супер идеја до супер маркет, кој го реализираше Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со корпоративниот партнер „Тинекс маркети“, поддршката од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст – финансиско друштво за факторинг.
Избраните прозиводи кои за прв пат ќе добијат можност да се продаваат во маркетите се на компаниите: Бејкинг Фектори, Евал, Матриошка, Плант Инжинеринг, Про-Фитр ВИС, Кинадо, Хелтиш, Скуп, Пивара Бакрески и Фила Козметик.
„Заедно со нашите партнери реализиравме важен предизвик преку кој за десет домашни стартап компании обезбедивме производство и комерцијално пласирање на нивните иновативни производи, што им дава одлична можност да ја зголемат продажбата и нивната идеја да прерасне во реален профитабилен бизнис. Со ова продолжуваме да покажуваме дека ФИТР е секогаш на страната на иновативните компании кои имаат визија и потенцијал за успех. Верувам дека преку Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, наскоро ќе поттикнеме уште вакви успешни соработки помеѓу стартап компаниите и големите корпорации со што побрзо ќе го трансформираме македонскиот стартап екосистем“ изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Производите ќе се најдат на посебно обележани полици до крајот на годината, на однапред дефинирани продажни локации и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција. Дополнително, ќе бидат вклучени и во интегрираната дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.
„Тинекс е компанија која постојано несебично ја да дава својата поддршка на компаниите кои се во развој и на кои им е потребна мала потпора за добро да се претстават на пазарот и успешно да ја развијат својата визија. Овој пат, посебна чест ни е што сме дел од проектот „Стартап херои” во соработка со ФИТР и ИМЕ каде што имаме можност да видиме многу квалитетни, енергични, силно мотивирани ентузијасти и да им дадеме шанса своите производи да ги пласираат во Тинекс маркетите, а со тоа својата идеја да ја претворат во реалност. На полиците во Тинекс нивните производи ќе бидат „рамо до рамо“ со светски познати брендови и ќе се борат за своето место на пазарот. Преку нашите маркетинг и промотивни канали ќе им дадеме можност добро да се претстават пред потрошувачите и да ги освојат нивните „симпатии“. Со оваа наша соработка се надеваме дека ќе имаме задоволни потрошувачи и задоволни нови соработници.“, посочи Цветанка Христовска , бренд директор на „Тинекс“.
Повикот беше наменет за малите стартап компании кои веќе имаат развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс.
„Стартап херои ќе биде поттик за сите други стартапи да го следат овој пример и да развиваат технолошки напредни и иновативни производи за домашниот и интернационалните пазари. ИМЕ ќе продолжи да биде партнер на Фондот за иновации и технолошки развој во организирање на нови предизвици со цел поддршка во градење на конкурентноста на иновативни микро, мали и средни претпријатија и вработување на што повеќе млади луѓе и жени.“, изјави Горан Дамовски раководител на швајцарската програма ИМЕ.
Вкупниот буџет предвиден за предизвикот изнесува 7 милиони денари, од кои ФИТР обезбеди шест а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600,000 денари.
Јавниот повик беше отворен од 22.04. до 25.05.2021 година, на која 22 компании кои влегоа во финална селекција, ги презентираа своите производи пред Комисијата за оценување и избор.
Комисијата која одлучуваше за финалниот избор се состоеше од експерти од областа на предизвикот, од областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба и по еден експерт од Тинекс, ИМЕ и ФИТР.
Повеќе детали за избраните проекти можат да се најдат на следниот линк: https://fitr.mk/wp-content/uploads/2021/07/Tabela-start-up-heroi_1.pdf.