На меѓународните пазари денеска цената на нафтата се зголеми на 75 долари за барел, во пресрет на извештајот од кој се очекува да покаже пад на американските резерви над очекувањата.
На лондонскиот пазар цената на барелот во однос на претходното затворање се зголеми за 23 центи и изнесуваше 74,71 долари, додека на американскиот пазар, барелот „скокна“ за 33 центи, на 71,98 долари.
Американските залихи на сурова нафта паднаа над проценките на аналитичарите за 4,7 милиони барели, дознаваат британските медиуми од два извори на пазарот, што се повикуваат на податоците од американскиот Институт за нафта.
Официјалните податоци на американската Влада ќе бидат објавени подоцна, во текот на денот.
Цените на нафтата годинава се зголемија за 44 проценти, поради поддршката од закрепнувањето на побарувачката и намалувањето на понудата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, попознати како ОПЕК +.
ОПЕК + се согласи од август да го зголеми дневното снабдување на светските пазари за 400.000 барели и дополнително да ги намали минатогодишните рекордни намалувања, но некои аналитичари велат дека тоа нема да биде доволно бидејќи очекуваат годинава побарувачката да се врати на старото.
Меѓутоа, се поголем број случаи на коронавирус ширум светот, и покрај програмите за вакцинација, го ограничуваат растот и продолжуваат да го загрижуваат пазарот.
(МИА)
(фото: Pxfuel)