Од септември со почетокот на новата учебна година се воведува уште една измена во правец на дигитализацијата на образованието. Оние дневници во коишто наставниците и професорите ги запишуваа оценките со децении наназад повеќе нема да се користат. Имено, и во основното и во средното обвразование наместо нив ќе се користат електронски дневници.
Како што велат од Бирото за развој на образованието, на тој начин наставниците нема да мора да работат дупло, односно оценките да ги внесуваат оценките двапати – еднаш во печатените дневници, еднаш во електронските.
Од Бирото појаснија дека електронските дневници се користат во образовниот систем со години и наставниците и професорите знаат да ги користат, така што за нив нема да има никаков проблем.
Електронската евиденција ќе ја водат околу 25.000 наставници и професори. Како што се прави со хартиените дневници, во електронските тие ќе треба да ги внесуваат оценките на учениците, но и изостаноците и другите активности.
Оваа измена се воведува токму на барање на наставниците и професорите, кои веќе подолго време бараат да бидат растоварени од дуплата обврска. Сепак, напоменуваат дека имаат проблеми со стабилноста на интернетот во училиштата.
Од Министерството за образование и наука известуваат дека се подготвени за почетокот на новата учебна година, и покрај пандемијата. Како што истакна министерската Мила Царовска, според нив најдобро сценарио е физичка настава додека не дојде до промена на епидемиолошката слика, во кој случај би се преминало на една недела физичка, една недела онлајн настава. Третото и најмалку посакувано сценарио е најголем дел онлајн настава.
„Очекувам дека ако сите ги почитуваат протоколите за настава со физичко присуство, ќе успееме и наредната учебна година да ја реализираме на тој начин. До денеска повеќе од 58 отсто од наставниците и соработниците во училиштата се веќе вакцинирани“ истакна Царовска.
Дигитализацијата на образованието е еден од приоритетите на Владата со цел модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.
(фото: e-dnevnik)