Иновативните решенија на стартапите стануваат профитабилни бизниси со поддршка од Акцелераторот УКИМ

- Advertisement -

Бизнис акцелераторот УКИМ (Акцелератор УКИМ) го објави повикот за Акцелераторска програма BAU APA2021 за поддршка на напредните стартапи и брзорастечките компании кои се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Новиот повик за апликации, отворен до 12 септември, е одговор на актуелната состојба и потребата за развој на екосистемот за стартапи и иновации.

Осумнеделната програма ќе биде поделена во два дела – првиот дел, во траење од четири недели во октомври, ќе опфати работилници за поддршка на развојот на 15 стартапи, а во вториот дел (ноември) ќе следуваат адаптирани менторски сесии за избраните три до пет стартапи кои покажале најдобар потенцијал.

- Advertisement -

Според Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелераторот УКИМ, програмата BAU APA2021 е креирана за да генерира ново знаење и да ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси.

– Над 10 реномирани глобални експерти ќе бидат вклучени како ментори со цел да им го пренесеме знаењето и искуството на стартапите и да ги подготвиме за посакуваниот раст, додека секоја недела успешните стартапи ќе ги споделат своите приказни, успеси и неуспеси со 15-те избрани стартапи во период од осум интензивни недели. Покрај тоа, во втората фаза од програмата, за оние стартапи кои ќе го унапредат бизнис-моделот, нашите глобални експерти ќе ја споделат својата мрежа на контакти и ќе му помогнат на стартапот да добие пристап до глобалниот пазар, изјави Стамболиев за МИА.

- Advertisement -

Акцелераторската програма, вклучително работилниците и менторските сесии, ќе се одржуваат онлајн или комбинирано во зависност од актуелните здравствени антиковид-протоколи. Ќе бидат организирани и два демо дена (3 ноември и 15 декември), што ќе му овозможи на секој стартап да го претстави својот напредок и потенцијал пред меѓународните и локалните ментори и инвеститори.

Поддршката на Акцелераторот УКИМ вклучува финансирање во рана фаза и приспособено менторство за развој на производи и технологии, пристап до регионални и меѓународни пазари и клиенти и понатамошно финансирање. Акцелераторот се состои од тим на искусни ентузијасти за стартапи, специјализирани за развој на производи, технологија и деловно работење.

- Advertisement -

– Програмата BAU APA2021 е фантастична можност за напредните стартапи и брзорастечки компании да научат од реномирани глобални лидери за технологии и бизнис. Ние бараме посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до пет години, со минимум 51 процент македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за тренинг од глобални експерти, искуство од успешни стартапи, професионално менторство, мрежа на контакти, можност за инвестирање од Акцелераторот УКИМ до 100.000 евра и постојана поддршка. На најдобрите 15 стартапи кои ќе бидат избрани во програмата, ќе им овозможиме поврзување со искусни ментори и успешни регионални/глобални стартапи, истакнува извршниот директор на Акцелераторот УКИМ.

Основан во 2018 година, Акцелераторот УКИМ оттогаш континуирано развива специфични програми за поддршка на растот на најперспективните технолошки претприемачи, стартапи, спин-оф и брзорастечки компании во Северна Македонија, во соработка со неговата глобална партнерска мрежа.

Акцелераторот УКИМ располага со фонд од 533.000 евра за финансирање на бизнис-идеите, а максималната инвестиција по компанија изнесува до 100.000 евра. Кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Акцелераторот УКИМ, вели Стамболиев, е единствен токму поради своите основачи, кои вклучуваат организации за поддршка на бизнисот: Република Северна Македонија, Развојната фондација „Кримсон“ и Фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“, како и најголемиот и престижен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. Ова партнерство му овозможува на Акцелераторот УКИМ да им обезбеди експертиза на стартапите за да им помогне да го развиваат својот бизнис и технологија и да бидат конкурентни на глобалниот пазар.

За успешна реализација на идеја за почетен бизнис/иновација, според Стамболиев, клучно е да се идентификува реален проблем за кој тимот на иноватори со различни специјалности можат да понудат подобро и унапредено решение од оние што постојат на пазарот.

– Понатаму е потребно многу учење, многу трпение, многу желба, многу работа, многу жртвување, самодоверба, храброст и неоткажување на патот до успехот. Континуирана соработка со успешните ментори и акцелератори овозможуваат скратување на потребното време за развој на производот и негово пласирање на пазарот, посочува извршниот директор на Акцелераторот УКИМ.

Новата програма BAU APA2021 е подготвена во соработка со програмата „Star Venture“ на ЕБОР, a финансирана е од Луксембург за Западен Балкан преку Фондот за поддршка на малите бизниси на ЕБОР (EBRD Small Business Impact Fund). Други донатори се: Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Тајван Бизнис-фондот за техничка соработка на ЕБОР (TaiwanBusiness- EBRD Technical Cooperation Fund) и САД.

Целта на „Star Venture“ на ЕБОР, вели Стамболиев, е да го врати центарот на вниманието на регионот на Западен Балкан и од таа причина ќе продолжи да ги развива мрежите на инвеститори, експерти и советници, вклучувајќи ги и локалните и регионалните организации.

– Дополнително, програмата ќе ја зголеми својата поддршка за поширока група на стартапи преку индивидуални советодавни проекти и/или преку акцелераторите, за да им помогне да ги надминат пречките предизвикани од пандемиската состојба и да го зајакне нивниот понатамошен развој и раст, додава Стамболиев.

Во изминатите три години Акцелераторот УКИМ спроведе над 15 специјално дизајнирани програми за да одговорат на потребите и можностите на иноваторите, тимовите и стартапите во реализација на нивниот потенцијал за раст. Спроведени се во партнерство на регионалните и меѓународните мрежи на основачите и партнерите на Акцелераторот УКИМ, преку разновидни услуги, како што се менторството (за технологија и бизнис), приспособена поддршка во развој на бизнисот, овозможување пристап до пазарот и финансирање.

Како најуспешна од сите што досега ги поддржале со пари и експертиза, Стамболиев ја издвојува инвестицијата од 100.000 евра во компанијата „Елевејт Глобал“ основана токму од професори на УКИМ, за што вели дека Акцелераторот УКИМ е особено горд.

– Нивниот производ е автоматизирана платформа за процесирање податоци во енергетската индустрија и им помага на компаниите брзо и лесно да изградат предиктивни модели и да ги оптимизираат сопствените трошоци за енергија во иднина. Со помош на овој производ, компaниите ги анализираат сите историски податоци кои се достапни и врз основа на тоа што се случило во минатото, предвидуваат што може да се случи во иднина, рече Стамболиев за МИА.

Тој ги повика сите што се заинтересирани да аплицираат за новиот, есенски повик, да ги следат нивните официјални социјални медиуми за да ги запознаат менторите, успешните регионални и глобални стартапи и можностите кои ги нуди Акцелераторската програма BAU APA2021 на Акцелераторот УКИМ. хс/сп/

Сподели!
- Advertisement -