Германија размислува да ги укине бесплатните тестови за КОВИД-19 во октомври годинава, се вели во нацрт-предлогот за кој канцеларката Ангела Меркел ќе дискутира со челниците на 16 сојузни држави. Германската влада воведе бесплатно тестирање за целото население во март годинава, во пресрет на третиот бран на КОВИД-19 во државата.
Моментално во земјата целосно се вакцинирани 55% од населението, па се јавуваат повици даночните обврзници да престанат да издвојуваат за субвенционирана шема од која корист имаат тие што не се вакцинирани, иако вакцината е достапна за сите, пренесува Reuters.
„Ако земеме предвид дека овозможивме вакцинирање на сите жители, повеќе не е оправдано федералната влада и даночните обврзници да го плаќаат трошокот за сите тестови“ се вели во нацрт-предлогот.
Нацртот предвидува тие што од здравствени причини не можат да се вакцинираат и понатаму да имаат право на бесплатни тестови. Точниот датум кога ќе биде укината мерката во октомври не е познат.
(SEEBiz.eu)
(фото: Pxhere)