Смартфоните и автомобилите наскоро во себе, покрај стандардната опрема, ќе може да содржат и термални камери кои може да работат на температури и до 100 степени Целзиусови, а сето тоа благодарение на нова и евтина технологија за термовизиски сензори.
Поради пандемијата на КОВИД-19 термовизиските сензори кои можат да откријат промени во температурата на човечкото тело и на други предмети почнаа да се користат на влезовите во многу згради, продавници и други објекти. Во такви услови и индустријата за смартфони активно размислува за вградување на таквите сензори во камерите и да им овозможи на луѓето да си ја следат телесната температура во реално време. Користењето на таа технологија и во автономните возила исто така ќе ја зголеми безбедноста на автономното возење.
Научници од Корејскиот институт за науки и технологија предводени од д-р Вон Џун Чои најавија дека развиле термовизиски сензор кој е евтин и нема ограничување на работната температура како што е случај со сегашните. Тимот соработувал на развојот на тој сензор со тим научници од корејскиот Универзитет Сунгкјункван.
Сензорот кој го развиле може нормално да функционира и на температури до 100 степени Целзиусови без потреба за посебни уреди за негово ладење, а корејските научници учекуваат и дека ќе биде многу поевтин од постојните стандардни сензори моментално на пазарот.
За да се интегрираат со компонентите на паметните телефони и на автономните возила сензорите мора да фунцкионираат стабилно и без тешкотии на повисоки температури од 85 до 125 степени Целзиусови. За класичните сензори да ги задоволат тие услови потребен е независен уред за ладење. Но, дури и најскапите и најразвиените уреди за ладење на тие сензори не ги прават соодветни за работа на температури од 85 или повеќе степени Целзиусови, па затоа не може да се користат масовно.
Сензорот кој го развија корејските научници користи тенок слој на ванадиум диоксид, кој е стабилен на 100 степени Целзиусови. Нивниот уред го открива и го претвора инфрацрвеното светло кое создава топлина во електрични сигнали, а токму тоа ја елиминира потребата за посебни уреди за ладење на сензорите, кои ја подигнуваат цената на термовизиските сензори и над 10% и троши голема количина електрична енергија.
Нивниот сензор успеал да ја открие истата количина на инфрацрвени сигнали на 100 степени Целзиусови како и на собна температура. Сензорот е 3-4 пати поосетлив од конвенционалните и поради толкавата брзина и осетливост може да снима толински фотографии со брзина од 100 кадри во секунда, што е 30-40 кадри повеќе од конвенционалните сензори.
Д-р Чпи изјави дека очекува нивниот сензор набрзо да почне да се користи во војската, паметните телефони и во индустријата за автономни возила.
(Eurek Alert)
(фото: Pixabay)