10.8 C
Skopje
недела, октомври 24, 2021

Гоце Јоновски конструираше иновативна машина за рециклирање на лозови и овошни гранки во биомаса

Kabtel desktop

Гоце Јоновски е дипломиран машински инженер, кој професионалниот ангажман го насочил кон иновации за земјоделството. Негоавата старт-ап компанија ГоТехник повеќе од две години развива и тестира приклучна машина за рециклирање на лозови и овошни гранки. Земјоделството, како еден од најголемите емитери на стакленички гасови, но и сериозен извор на отпад што може да се реупотреби, е меѓу главните мотиви на Јоновски да започне проект за решавање на овој проблем во земјава.

Воден од идејата дека отпадот не е ѓубре, туку суровина, Јоновски со неговата иновација создава биомаса, која може да се искористи и во индустријата, и во индивидуални системи за централно греење, но и како суровина за брикети и пелети.

Новинар- Сања Наумовска

Г-дин Јоновски, вие иновиравте машина- дробилка, која овозможува рециклирање на отпад од земјоделство. Објаснете ни како функционира?

Машината во суштина е приклучна машина со сопствен контејнер за култивирање (дробење и собирање) на гранки непосредно од лозовите и овошните насади, која се погонува и влече со помош на трактор. На лозовите и овошни насади еднаш годишно, напролет, се прави резидба, кроење, при што прачките од лозите и гранките од овошките остануваат на земја и се третираат како отпад. Со ваквиот начин на култивирање, односно дробење на мали фрагменти, тие добиваат предзнак биомаса и имаат можност да се користат како енергенс. Имено, поради високата калорична енергетска вредност, слична како таа на пелетите, може да се користат за да се создава топлинска енергија.

Колку време ви требаше за да дојдете до крајниот продукт машина-дробилка?

Создавањето на 3Д модел започна во септември 2017 година, по што разработив целосна техничка документација и до крајот на 2019 година веќе беше изработен физички модел што беше и функционално повеќекратно тестиран. Идејата која ме поттикна да размислувам во овој правец дојде од учеството во проект поддржан од страна на УНДП, преку поддршка од владата на Финска. Тој имаше за цел имплементација на пилот проект на системи за централно греење на јавни установи кои како енергенс ќе користат биомаса. Истовремено се интересирав и ги следев и состојбите на техниката во Европа и пошироко, за на крај сето да резултира со идејата за создавање на 3Д модел и прототип на приклучна машина која би задоволила технички и функционален аспект во конкурентска смисла.

Дали ве мотивираше и фактот дека земјоделството е еден од поголемите емитери на стакленички гасови и создавач на различен отпад, па се обидовте да најдете еколошки одржливо решение?

Искрено, мотивот дојде токму од страна на соработникот од УНДП од Финска, Илка Лампинен (Ilka Lampinen), кој беше во посета на Македонија и на непосреден пријателски начин ни даде до знаење дека нашата земја е релативно несредена, а ние во добра мера неодговорни кон животната средина. Од таа причина се насочив кон дополнителни пребарувања за состојбите во земјоделието и третманот и искористувањето на отпадната биомаса во корисна цел. Тоа ми даде поттик да направам еден исчекор напред и да ја креирам машината.

Познато е дека слични машини веќе постојат. Што е она што е иновативното во вашиот продукт, а што го прави различен од конкурентските?

Постојат технички решенија ширум Европа и пошироко меѓусебно слични, а сепак различни. Заедничко за сите е да имаат висок степен на унифицираност во фрагментирањето на отпадот. Според тоа што мене ми е познато, во тек е создавање на понова генерација на дробилки од ваков тип кои се поефикасни и во поглед на внатрешноста на системот на дробење постојат различности кои од деловни причини и не се достапни. Иновативноста на овој прототип е токму во механизамот за дробење кој е предмет на заштита.

Што се случува со отпадот откако ќе биде издробен? Дали има некој капацитет кај нас што ќе има потреба од ваков тип на отпад да го користи како суровина?

Овој отпад може да се искористи како енергенс на неколку начини. Еден од нив е процесот на когенерација или горење во индустриски печки, од каде се добива топлинска и електрична енергија. Во најблиското опкружување вакви постројки постојат во Хрватска. Друг начин е во директното користење за индивидуални потреби во системи за централно греење со биомаса. Трет позначаен правец е во технолошките процеси за производство на пелети и брикети каде што биомасата е влезна суровина.

Во која фаза е развојот на машината во моментов?

Досега е направен еден физички модел-функционален прототип, а со учество на повикот и поддршка од страна на ФИТР сега работиме на создавање на втор подобрен прототип на машина, која треба да претставува еден репрезентативен примерок. Се надеваме и очекуваме дека кај нас ќе се создадат услови таа и да почне да се користи за третирање на овој вид на отпад, а тоа дека ќе резултира со производство на ваков тип на машини. Ќе направиме обиди производот да го понудиме и надвор од Македонија.

Какви се реакциите на македонските земјоделци, дали прифаќаат новини од овој тип?

Целна група на потенцијални купувачи на ваков тип на машини се пред се земјоделските стопанства кои ги имаат ресурсите и предусловите за да пристапат кон оваа практика. Со оглед дека станува збор за индустриска машина, индивидуалните земјоделци нема да бидат подобни за да влезат во инвестиција, освен доколку се пројави интерес за нивно здружување.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •