Трансакција на секој еден биткоин создава иста количина електронски отпад (е-отпад) како фрлање во ѓубре на два Ајфони, покажува нова анализа на економистите од Холандската централна банка и Институтот за технологија на Масачусетс.
Иако јаглеродниот отпечаток на биткоинот е добро проучен, помало внимание се посветуваше на огромната количина хардвер која криптовалутата го поттикнува. Специјализирани компјутерски чипови, наречени ASIC се продаваат со единствена цел да го движат алгоритамот за „копање“ биткоин, кој ги наградува оние кои учествуваат во процесот. Но, бидејќи само најновите чипови имаат добар однос помеѓу моќност и трошење електрична енергија за процесот на „копање“ да биде исплатлив, „копачите“ на криптовалути постојано мораат да ги менуваат своите чипови со понови, помоќни и попрофитабилни.
„Животниот век на уреди за „копање“ биткоини е ограничен на само 1,29 години“, пишуваат истражувачите Алекс де Ври и Кристијан Стил во научниот труд насловен „Растечкиот проблем на е-отпадот поради биткоин“.
„Како резултат на тоа, проценуваме дека целата мрежа на биткоини во моментов се движи низ околу 39,7 метрички килотони опрема годишно. Оваа бројка може да се спореди со бројот на електронски отпад од мали ИТ уреди кој го прави земја како Холандија“, додаваат тие.
Во 2020 година мрежата на биткоин процесирала 112,5 милиони трансакции, што значи дека секоја индивидуална трансакција значела најмалку 272 грама е-отпад. Тоа е тежината на два мини Ајфони 12.
Причината за ваквиот е-отпад е тоа што овие ASIC чипови не можат да се користат за некоја друга намена освен за „копање“ криптовалути, па доколку со нив не може профитабилно да се врши оваа работа, тогаш тие практично немаат никаква употребна вредност.
Авторите предупредуваат дека проблемот со е-отпадот ќе се зголемува и во иднина доколку цената на биткоинот продолжи да расте. Тие во својот научен труд велат дека за да се надмине проблемот ќе мора да се замени процесот на „копање“ биткоини со поодржлива варијанта.
Извор – Радио МОФ
Фото – Freepik