Компанијата за развој на софтвер и консалтинг услуги, Сеавус ја отвори во Варшава, својата прва канцеларија во Полска, со што значително ја зголемува мрежата и достапноста на своите услуги на европскиот пазар. Канцеларијата во Варшава е вкупно 16-та на компанијата, а Полска е деветтата држава во која Сеавус отвора свои простории. Со првата канцеларија во Полска, Сеавус продолжува со глобалниот раст и развој и ја зголемува понатамошната експанзија на компанијата во Европа.
„Новата канцеларија ќе го зголеми нашиот капацитет и талент, и ќе ни овозможи подобро да им служиме на нашите клиенти. Изминативе неколку години, видовме континуиран развој во обемот и работењето на нашиот бизнис, глобално растеме и ја зајакнуваме нашата експертиза во процесот на дигитална трансформација во повеќе индустрии. Имајќи го ова на ум, решивме да го зголемиме нашето присуство во ЕУ и ја развиваме канцеларијата во Варшава врз основа на нашите стратешки планови за континуиран раст“, вели Дејан Петрески, Главен Оперативен Директор на Сеавус.
Сеавус е водечка компанија за развој на софтвер, основана со цел да креира и понуди напредни решенија соодветно со потребите на компаниите и пазарот. Од своето основање спроведува стратегија на континуиран раст и развој, во обемот и доменот на работата, со што создава висококвалитетни ИТ решенија и услуги што го моделираат работењето на денешните компании, но и воопшто во ИТ индустријата.
Seavus® е компанија за развој на софтвер и консалтинг услуги со докажано искуство во успешни бизнис софтверски решенија. Компанијата брои преку 850 ИТ специјалисти ширум светот и нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, успешно покривајќи го европскиот и американскиот пазар преку неколку канцеларии и претставништва во светот. Портфолиото на решенија и услуги вклучува BSS/OSS, CRM, CEM, Business Intelligence решенија, ALM, Embedded програмирање, бизнис и потрошувачки производи, мобилни апликации и гејминг решенија, Managed Services, како и консалтинг и развој на апликации по барање на клиентите. Во портфолиото на Seavus се вбројуваат голем број клиенти, меѓу кои светски телеком оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн.