-1.2 C
Skopje
четврток, декември 2, 2021

Рафајловски: По ковид-пандемијата очекувам нова генерација на претприемачи и иноватори кои дигитализацијата ќе ја носат во својата ДНК!

Kabtel desktop

Неодамна беше формиран Стартап составен од претставници на стартап заедницата во Македонија, кој деновиве излезе со детална листа на конкретни препораки за подобрување на бизнис климата за претприемнички развој во земјава.

Формиран по иницијатива на ФИТР, Советот има за цел да ја претставува стартап заедницата во земјава со тоа што ќе предлага политики и мерки за забрзан раст на македонскиот стартап екосистем. Советот моментално го сочинуваат седум члена: Бистра Кумбаровска, Стефан Митевски и Горѓи Рафајловски како претставници на заедницата, Дејан Алексов претставник на Стартап Македонија, Анита Бундовска Никова претставник на МАСИТ и Коста Петров и Фатмир Битиќи како претставници на ФИТР, односно Владата на Република Северна Македонија.

За суштината на препораките и моменталната состојба на стартап-иновациската сцена во земјава разговаравме со Горѓи Рафајловски.

Разговараше – Верица Јорданова

Како може воопштено да се сумира моменталниот легислативно-институционален контекст за развој на стартап и генерално претприемничката сцена во земјава?

Претприемничката сцена во Македонија се резвива со забрзано темпо. Изминативе години сме сведоци на повеќе иницијативи за долгорочен развој и од приватниот сектор, но и од јавните институции. Можам слободно да кажам дека имаме силен стартап-екосистем во споредба со нашето непосредно соседство. Горди сме на постигнатото, но знаеме дека можеме уште повеќе.

Во контекст на легислативата, сметам дека имаме добро поставени рамки за брзо отпочнување на бизнис, и прилично ниски трошоци за водење стартап. Она што ни недостасува се решенија за понапредните фази: олеснети административни процедури, полесен пристап до финансии и можност за забрзан раст и развој и надвор од земјава.

Врз основа на практичното искуството и компаративните анализи Стартап Советот деновиве го објави документот: „Предлог-мерки за забрзан раст на македонскиот стартап екосистем“. Што содржи овој документ и каде се се доставени предлозите кои истиот ги содржи?

Како стартап поддржувачи, повеќепати неформално меѓусебно сме зборувале за законските измени кои што ни се потребни за забрзан раст на македонскиот стартап екосистем. Овие иницијативи доаѓаат директно од стартапите, основачите и нас како организации кои им помагаме на истите.

Среќен сум што директорот на ФИТР Коста Петров ја препозна иницијативата, и под чие покровителство можевме да креираме еден официјален документ кој е пресек на сегашните состојби, за да се обидеме пречките да ги решаваме институционално. На крајот на денот, она што е навистина важно е содржината на оваа иницијатива. А во неа ги сумиравме мерките за кои сметаме дека се значајни, кои можат вистински да го поттикнат нашиот технолошки и иновативен раст и да ја преродат македонската економија.

Накратко предлог-мерките се поделени во три столба:

1) Стимулирање на развојот на екосистемот: Измена на законот за иновации, Привлекување ‘дигитални номади’, Креирање на регистар на стартапи – во Централниот Регистар и Развивање на регионални Стартап Центри

2) Подобрување на условите за работа: Регистрација на фирма со 1 евро капитал, Поедноставна ликвидација на стартап, Флексибилни работни услови, работни часови и годишен одмор, регулација на работењето од дома

3) Подобрување на условите за пристап до финансии: Конвертибилен заем, Закон за ‘бизнис ангели’, Даночни олеснувања за стартапите и инвеститорите во стартапи, Креирање на ко-инвестициски фонд, Овозможување ‘блокчејн’ и криптовалути, како и воведување Финтек – платежни истеми.

Освен што ги нотиравме овие клучни препреки, се потрудивме да потенцираме кои законски измени / регулативи точно ги тангираат, да дадеме препораки како истите најдобро (најбрзо) можат да бидат решени, но и да ги објасниме очекуваните придобивки од нивното имплементирање.

За тие што ги интересира повеќе, детали за предлог-мерките можат да се најдат на следниот линк: ФИТР Стартап Совет – Предлог мерки за забрзан раст.

Една од точките за промени е Законот за иновации. Какви измени конкретно се потребни во овој закон?

Имајќи предвид дека Законот е подготвуван пред осум години, истиот малку соодветствуваше со тековните глобални пазарни трендови и активности, посебно во една динамична индустрија како нашата.

Тогашниот Закон за првпат ги дефинираше поимите од стартап сферата, што беше добар исчекор, но новите времиња носат и нови потреби. Предложивме ре-дефинирање на поимите „стартап“, „спиноф“, и „иновација“, но и воведување на  некои нови поими како на пример „социјално претпријатие“. Исто така предвидовме и фелксибилност при креирање нови инструменти за поддршка на стартапите.

За мене клучно е Законот за иновации да биде генерално отворен за измени и дополнувања почесто и по потреба, токму поради брзото темпо на следење на иновациите и новите технологии.

Со оглед на тоа дена предлагате регистрација на фирма со само 1 евро, дали е детектирано дека трошоците за отворање на фирма се една од влезните бариери во системот?

Не. Отворањето на компанија и досега беше прилично лесен и едноставен процес. Сегашните законски решенија предвидуваа финансики трошоци во форма на основачки капитал, но и материјални средства кои можеа да се стават како основачки влог. 

Предлогот на Советот беше ште повеќе да се поедностави и олесни процестот на основање, и да се доближи до младите лица, кои се технолошки и претприемнички можеби најподготвената генерација за водење стартап. Впрочем, ова е пракса не само кај земји од соседството, туку и некои ЕУ членки.

Кога станува збор за финансиските аспекти за развој на еден стартап и иновациски еко-систем, кои се вашите сугестии во однос на  ослободување од данок за инвеститори во стартапи, конвертибилен заем и улогата на бизнис ангелите во развој на инвестициската клима во земјава?

Ако сакаме да имаме забрзан раст на нашите стартап компании, за да можат побрзо и полесно да освојуваат нови пазари и да придобиваат нови клиенти, мораме да имаме брз и алтернативен систем на финансирање – скроен токму за нив. Тоа се т.н. „VC – фондови“ и „ангели – инвеститори“.

Македонскиот екосистем моментално нема проблем со креирање на стартапи со интернационален потенцијал. Проблем е нивното адекватно и релативно брзо финансирање низ серии на инвестиции. За таа цел, Советот предложи воведување на поимот „конвертибилен заем“ – со кој се олеснува брзото инвестирање кое подоцна може да се претвори во удел, даночни олеснувања на домашните, но и и друг вид олеснувања за странските инвеститори кои ќе се одлучат да инвестираат. Ние веќе имаме домашни компании и физички лица кои се подготвени посериозно да инвестираат во наши стартапи. Со оваа иницијатива сакаме да ги поттикнеме не само да инвестираат, туку и да ко-инвестираат и ре-инвестираат, но во исто време и да ја „отвориме вратата“ за соработка со странските инвеститори и споделување на искуствата од оваа област.

Впрочем, анализите кои ги правевеме покажуваат дека во земјите каде има даночни олеснувања за инвеститорите, има и зголемен обем на кумулативно инвестирање, за разлика од оние економии кои не нудат вакви повластувања.

Секако, работното време во стартап светот е целосно различен од оној во класичниот коропоративен свет. Тоа не е проследено соодветно во нашата легислатива. Како може да се надмине ова?

Да, според сегашниот Закон, работното време на една компанија го утврдува исклучиво работодавачот. Тоа не е сосема соодветно за новото – дигитално време.

Предлозите од Советот беа во генерална насока на овозможување на флексибилност помеѓу двете договорни страни: работодавачот и вработениот, сами да си го одредат времето и начините на извршување на работните задачи.

Па така, формулиравме предлози не само за флексибилно работно време, туки и за можности од флексибилен годишен одмор, како и воведување новини во делот на легално исплаќање бонуси за вработените и воведување и имплементирање на механизам за SOP (stock option pool).

Морам да напоменам дека бевме целсоно свесни за големината на задачата за промена на оваа легислатива, која спаѓа под Законот за работни односи, а која ги опфаќа и другите – потрадиционални индустрии освен стартап и дигиталната ИКТ индустрија.

Наскоро се очекува земјава да го добие првиот ко-инвестициски фонд. Кои се очекувањата на стартап заедницата од истиот?

Мислам дека оваа иницијатива ја предводи ФИТР, и се надевам дека повеќе детали за процесот ќе добиете од таму.

Во секој случај, сметам дека потегот е за поздравување. Лично очекувам национално и регионално раздвижување на инвестициската сцена во следните години. Повторно сакам да напоменам дека нам ни требаат повеќе инвеститори кои се подготвени на ризик, но и на потенцијални големи добивки.

Ова се предлог-измените кои ги препорачувате во насока на подобрување на климата за технолошки, инвестициски и иновациски развој, но може ли да ни кажете каква е моменталната состојба? 

Не смееме да кажеме дека се што е досега направено – е лошо, но и не треба да бидеме задоволни од сегашната ситуација. Македонскиот стартап екосистем е добар, но наша задача е да го направиме уште подобар!

Ние кои работиме во екоситемот знаме дека имаме потенцијал за многу повеќе. Токму и затоа сериозно работевме на овој документ, кој за мене претставува своевиден „Стартап Манифест“ на нашето време. Чинителите за прв пат седнаа и креираа предлог-документ за се она што ние сметавме дека треба да се промени за да фатиме чекор со модерните општества. Во некои делови можеби ќе ни треба и поголемо визионерство.

И конечно, дали е ова се што ни треба?! Не. Но, ова е пресек на нашата генерација, на се она што можеме да го направиме брзо и ефикасно за да ја позиционираме земјата како регионален и технолошки стартап хаб.

Ковид кризата како и секоја криза за некои е голема закана, за други пак е шанса за развој и отворање нови пазари и бизниси. Генерално, како Ковид кризата се одрази на македонската стартап сцена?

Стартапите по дефиниција се „жилави“ организации. Сеуште е рано за анализи, затоа што пандемијата е далеку од завршена. По се изгледа ова ќе биде маратон, а не спринт за сите видови на компании. Видовме светски и домашни примери на стартапи кои беа целосно подготвени за дигитализација и нив кризата можеби само малку ги забави, во некои случаи дури ги забрза. Но, видовме и бизниси кои не беа спремни на промени и кои згаснаа.

Сакам да  обрнам внимание на две работи на кои ќе бидеме сведоци во следниот период: промени во однесувањето на потрошувачите и (следствено на тоа) нови бизнис можности за стартапите.

„Новата економија“ нема да биде обликувана само од уредби или нови закони, туку во голема мерка ќе биде под влијание на тоа како сите ние ќе комуницираме, контактираме, патуваме, се храниме, ќе работиме или уживаме во слободото време. А тоа дефинитивно никогаш повеќе нема да биде исто!

По ковид-пандемијата очекувам нова генерација на претприемачи и иноватори кои дигитализацијата ќе ја носат во својата ДНК.

И за крај, кои се вашите очекувања за feedback од институциите по објавување на „Предлог-мерките за забрзан раст на македонскиот стартап екосистем“?

По својата природа, предлог мерките ги доставивме најпрвин до Владата, затоа што на некој начин таа беше сврзникот на иницијативата. Позитивно бевме изненадени од првичниот фидбек и подготвеноста отворено да се разговара за иницијативите, за што добивме широка поддршка. Многу е важно за нас како заедница да отвориме вистински дијалог со највисоките институции, и сметам дека со Владата тоа и се случи.

Сакам да напоменам дека пред официјалнои да ги објавиме, сите мерки беа детално искомуницирани со широка лепеза на организации и индивидуи кои активно работаат во стартап екосистемот, и од сите имаше позитивни критики, па мора да кажам и доста конструктивни предлози и подобрувања. Ова ме прави навистина горд што сум дел од иницијативата.

Следниот чекор е да ги искомуницираме предлог-мерките со сите релевантни засегнати страни, за да ја презентираме визијата за тоа каде сакаме да бидеме во следните 5 години.

Ние како членови на Советот сме свесни дека некои иницијативи  се веќе во зародиш, некои од нив ќе одат полесно, а за некои ќе треба можеби повеќе време.

Но подготвени сме на крупни чекори, за да можеме на следните генерации претприемачи да им оставиме подобар систем, преку кој ќе си ги остварат своите соништа!

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!