Троската добиена при топење на старото железо во Макстил наоѓа целосна примена во градежништвото

- Advertisement -

Неодамна во кругот на фабриката Макстил беше претставен проектот CINDERELA, во рамките на кој беа применети градежни материјали на база на секундарна суровина која се добива при процесот на топење на старото железо, за ревитализација на деградиран простор во паркинг плато и реконструкција на пристапен пат, како и преградни ѕидови изведени од монтажни бетонски блокови. Станува збор за дел од проектот „Нов бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба – CINDERELA”, кој го спроведува Градежен Институт Македонија (ГИМ), а за чија реализација Институтот склучи договор за деловно техничка соработка со Макстил каде се постави пилот постројка за механичка обработка на секундарна суровина – троска (црна и бела) која се добива како нуспродукт при процесот на топење на старото железо во фабриката.

За проектот, резултатите, како и за неговото значење од економски и еколошки аспект, зборуваме со Љубомир Пејовски, менаџер за животна средина во Макстил.

- Advertisement -

Неодамна го промовиравте иновативниот проект за циркуларна економија Cinderela што го реализиравте заедно со Градежниот институт Македонија како носител на проектот. Колку сте задоволни од резултатите од проектот?

Проектот Синдерела е иновативен проект за циркуларна економија и претставува добра можност да се прикаже дека отпадните материјали – троска од производство на челик во Електро лачна печка (црна троска) и троска од казанската печка (бела троска) не треба да завршат на депонија, туку дека може да се продолжи нивниот животен век со апликација во градежништвото, како тампон, агрегат за асфалт, додаток за бетон итн. Резултатите од овој проект допрва ги очекуваме, со надеж дека и нашата држава и градежните компании ќе започнат со примена на овој материјал.

- Advertisement -

Што точно опфаќа овој проект и од што се состои, каков е процесот на оваа циркуларна економија?

За реализација на проектот „Cinderela“, Градежен Институт МАКЕДОНИЈА АД-Скопје во соработка со Макстил АД Скопје, во кругот на Макстил постави пилот постројка за преработка на индустриски отпад-троска (црна и бела), добиена од електро лачната и казанската печка за топење на старо железо и рафинирање на течен челик.

- Advertisement -

Црната троска беше подложена на процес на деметализација, дробење и просејување, а белата троска на процес на мелење. Како резултат на оваа преработка, црната троска беше употребена како агрегат за тампон и агрегат за асфалт, додека белата троска како додаток на бетон, како замена за цемент.

Во кругот на компанијата Макстил, агрегатот за тампон (црна троска) е употребен за ревитализација на паркинг плато со површина од 6500 m2, агрегат за асфалт (црна троска) за реконструкција на улица со површина од 2150 m2, додека за изградба на преградни ѕидови ќе бидат употребувани монтажни бетонски блокови во вид на лего коцки кои беа изработени од бетон со додаток на околу 20% бела троска како замена за цемент. Бетонските блокови потоа ќе се користат за изработка на боксови каде што ќе се врши складирање на процесираната троска во вид на агрегат со различни фракции.  Досега се направени три бокса за складирање на агрегатот, чијшто вкупен капацитет изнесува 600м3.

Какви карактеристики покажа троската бидејќи на реализацијата на проектот претходеа лабораториски испитувања и тестирања во Лабораторијата на ГИМ, како и дизајнирање на бетонската и асфалтната мешавина и лабораториските испитувања на готовите производи?

Според досегашните бројни лабораториски испитувања извршени во лабораторијата на ГИМ, и во повеќе европски лаборатории, троската ги задоволува критериумите согласно стандардот МКС EN 12242:2009 – Агрегат за неврзани  хидраулични врзани материјали, кои се користат во градежништвото и во изградба на патишта. Макстил поседува и сертификат за сообразност на контролата на фабричкото производство 155-ЗГП-0050, кој се однесува на троската, а со кој се потврдува дека се применети сите одредби кои се однесуваат на оценка и проверка на постојаноста на својствата пропишани во стандардот МКС ЕН 13242+А2 : 2007, кој компанијата го стекна во јуни годинава.  

Покрај троската, кои други нуспроизводи се јавуваат при процесот на производство на компанијата?

Покрај троската (црна и бела) при производствениот процес се создаваат и други отпадни материјали како што е коварината која наоѓа примена при производство на челик во високи печки, како и филтер прашината која содржи висок процент на цинк (Zn) и наоѓа примена во производството на цинк од цинкова руда итн.

Колку троска годишно се создава во Макстил, односно колкава количина природен камен кој се користи за тампонирање или како основа за асфалт, може да замени троската која се добива при топење на отпадното железо кај вас?

Создавањето на троската (црна и бела) директно е поврзано со производството на челик и изнесува околу 9-10% од произведениот течен челик. Имено, ако земеме дека годишно се создава околу 30.000 тони црна троска, таа би заменила околу 12.000 метри кубни природен камен. Би сакал да потенцирам дека во овој случај не се работи за едноставен процес на замена на еден материјал со друг, туку на овој начин, со употреба на нашиот нуспроизвод – троската, ние уште еднаш ја потврдуваме нашата грижа за животната средина и воедно обезбедуваме зачувување на природните ресурси за новите генерации на нашето општество и потврдуваме дека сме општествено одговорна компанија.

Освен оваа дали троската може да најде и друга примена?

Троската добиена при топење на железото има порозна структура и голема специфична тежина, така  што покрај примената во градежништвото наоѓа примена во пречистувањето на индустриските отпадни води, како и во подобрувањето на механичките својства на почвата. Стазата за Формула 1 во Индијанаполис е целосно изградена од троска, бидејќи овој материјал е високо абразивен и е подобен за изработка на површини со висок степен на напрегање.

Користењето на троската сигурно ќе значи многу од еколошки аспект, меѓутоа, со оглед дека во економијата секогаш е многу важна цената, а од тоа ќе зависи и примената на оваа иновативна технологија во градежништвото. Каква би била цената на троската во однос на онаа на природниот камен?

Уште на самите почетоци на овој проект беше земено  во предвид и определувањето на цената за процесираната и обработена троска во однос на цената на тампонот, добиен од каменоломите и сигурно таа ќе биде многу конкурентна. За нас е најважно да се задоволат високите стандарди за квалитет  како агрегат за неврзани  хидраулични врзани материјали, кои се користат во градежништвото и во изградба на патишта согласно стандардот ЕН 13242, со што уште еднаш ќе докажеме дека целосно можат да се применат основните принципи на циркуларната економија.

Дали очекувате дека проектот ќе наиде на реална примена во градежништвото кај нас?

Искрено, кон тоа постојано се стремиме, овој нуспроизвод од нашиот производен процес да најде реална примена во градежништво, што би било добро за сите, а посебно за заштита на животната средина и заштеда на природните ресурси. Дополнително близината на нашата база до централното градско подрачје значајно може да влијае на трошоците за транспорт на градежните компании.

Овој проект е модел на циркуларна економија. Колку други компании во земјава го следат вашиот пример?

Циркуларната економија е релативно нов бизнис модел кој придонесува за раст на економијата и вработеноста, обезбедува зачувување на животната средина и воедно претставува камен-темелник за ниско-јаглеродната економија. Овој модел се темели на три принципи, елиминирање на отпадот и намалување на загадувањето, одржување на производите и материјалите што е можно подолго во употреба и регенерирање на природните ресурси. Циркуларната економија на некој начин го револуционизира и начинот на кој дизајнираме, произведуваме и трошиме сè околу нас. Оттука, се надевам дека секојдневно ќе се зголемува бројот на компаниите кои го следат нашиот пример, а потенцијалот несомнено е голем, а како тренд веќе се применува во дрвната индустрија, печатарската индустрија, текстилната и прехранбената индустрија, ИТ индустријата итн.

Макстил порано беше постојано на удар на критики како загадувач. Денес сте пример на компанија која води посебна грижа за животната средина. Што се е направено во овој поглед?

Како корпоративно општествено одговорна компанија, Макстил АД-Скопје има добиено бројни награди и е сертифициран согласно интернационалните стандарди ISO 9001:2015-Систем за управување со квалитет, ISO 14001:2015 – Систем за управување со животната средина и ISO 50001:2011- Систем за управување со енергијата.

Во Макстил АД-Скопје од 2001 година како енергенс е воведен природниот гас. Сите агрегати како енергенс користат природен гас, освен Електро лачната печка, кој користи комбинирана енергија (електрична енергија и хемиска енергија – природен гас, кислород и кокс). Со користење на природниот гас како енергенс значително е намалено оптоварувањето на воздухот со сулфур диоксид (ЅО2) и стакленичкиот гас јаглерод диоксид (СО2).

Согласно Законот за животна средина на Макстил АД-Скопје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во септември минатата година му беше обновена А-Интегрираната еколошка дозвола.

Носечка активност во групата на активности за заштита на животната средина, како од технички, така и од финансиски аспект беше инсталирањето на Системот за отпрашување во погон Челичарница (Нова филтер постројка) со финансиска вредност од 12 милиони евра.

Во Макстил АД-Скопје има поставено континуирани мерачи на оџакот од Новата филтер постројка и Оџакот од пескара со кои континуирано се следат емисиите на прашина во воздухот и резултатите од континуираните мерачи јавно ги објавуваме на нашата веб страница (https://makstil.com/mk/makstil/Sustainability/Environmental-Policy.html ).

Континуираните мерачи се калибрираат од страна на акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 14181. Макстил е една од првите компании во нашата земја која воведе нова пракса во делот на објавувањето на емисиите на цврсти честички кои се испуштаат од производните оџаци во текот на производниот процес, а мерењата покажуваат дека вредностите се многу пониски и од дефинираните гранични вредности во А-интегрираната еколошка дозвола, како и од пропишаните европски гранични вредности.

Покрај континуираните мерења на емисиите во воздух и вода, се вршат и периодични мерења на сите емисиони точки во Макстил АД-Скопје од страна на акредитирани лаборатории.

Во јули 2016 година пуштена е во работа и автоматската станица за следење на квалитет на амбиентен воздух, која е поставена во населба Железара (населбата со која граничи Макстил АД-Скопје). Со автоматската станица се врши континуирано следење на квалитетот на амбиентниот воздух и на истата се следат следните параметри: ПМ10 (цврсти честички помали од 10 микро метри), јаглероден моноксид (СО), сулфур диоксид (ЅО2) и азотен оксид (Nox), додека периодично се следат и следните тешки метали: жива (Hg), никел (Ni), кадмиум (Cd) и олово (Pb).

Макстил АД-Скопје е меѓу првите компании во републиката која ја има направено пресметката за количината на емитирани стакленички гасови на тон произведен готов производ согласно стандардот ИСО 14404-2. За оваа пресметка останува уште да се направи валидација преку сертифицирање согласно стандардот ИСО 14064 со кој уште еднаш сакаме да докажеме дека нашиот перманентен развој е насочен кон елиминирање на сите аспекти кои можат да предизвикаат негативни влијанија врз животната средина.

 Покрај грижата за заштита на воздухот и водата, Макстил АД-Скопје е фокусиран и на заштедата на природните ресурси, рационалното користење на секундарната суровина, минимизирањето, реупотребата и рециклирањето на отпадот, што секако е потврда за наша целосна поддршка на концептот на циркуларната економија и во крајна линија определбата за „нула отпад“.

Сподели!
- Advertisement -