Градот Виена ќе инвестира 2,8 милијарди евра во мерки за заштита на климата во 2022 и 2023 година.
„Првиот буџет на градот Виена усвоен за две години носи рекордни инвестиции во заштитата на климата“, изјави Јирген Чернохорски, член на градскиот совет задолжен за животна средина.
„Буџетот ја одразува нашата цел Виена да ја направиме климатско неутрална до 2040 година. Заштитата на климата има најголем приоритет и затоа најмногу средства досега издвојуваме за промени во областа на енергетиката, греењето и мобилноста“, објаснува Чернохорски.
Градот интензивно инвестира во јавен превоз, обновливи извори на енергија и термичка санација на зградите. Еден од фокусите е, меѓу другото, и проширувањето на соларните централи.
Целта е до 2025 година да се произведе петпати повеќе електрична енергија отколку во претходната година. За да се постигне ова, секоја година ќе се градат онолку соларни централи колку што се изградени во последните петнаесет години.Благодарение на новиот план за енергетско зонирање, градот ќе може да ги одреди областите во кои во новата зграда ќе биде дозволено користење на исклучиво обновлива топлинска енергија или парно греење.
Секоја година ќе се обезбедуваат 20 милиони евра за проекти за одржлива клима во општините во Виена. Продолжува иницијативата за уредување на 400.000 метри квадратни нови и обновени паркови.