Бизнис конфедерација на Македонија одбележа 20 години работа во функција на бизнисот

- Advertisement -

Со присуство на бизнис заедницата, претставници од Владата и претставниците на меѓународните тела присутни во државата, Бизнис конфедерација на Македонија одбележа 20 години од своето постоење. Бизнис конфедерацијата на Македонија низ годините успеа да се изгради во динамична и модерна организација која ефективно се залага за подобро деловно опкружување и со своите услуги успешно им помогна на претпријатијата да ги подобрат своите перформанси и да усвојат деловно-одговорни практики.

При одбележувањето на годишнината БКМ уште еднаш ја истакна своја главна цел, работа во функција на бизнисот и повторно понуди визија за она за што ќе се залага во иднина.

- Advertisement -

„Бизнис конфедерација на Македонија, секогаш работела во насока да предизвика суштински промени во општеството водени од визијата да ја видиме нашата држава како место со добар животен стандард и место со добри услови за работа. Искуството ни покажа дека оваа цел е остварлива само со системска работа и мисија за подобрување на условите за работа, почитување на законите, подигнување на капацитетите на работодавачите и почитување на работничките и човековите права. Со денешните резултати, членството што го имаме и воспоставените партнерски релации со меѓународни организации и асоцијации, докажавме дека тоа е возможно и затоа во концептот и програмата на БКМ е и понатаму да ги продлабочуваме и поттикнуваме бизнис коалициите, да поттикнуваме паметни регрутации и вработувања, олеснето дигитално управување на бизнисите и промоција на македонските компании на национално и меѓународно ниво”, истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

- Advertisement -

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во своето воведно излагање на конференцијата го честиташе 20-годишниот јубилеј на Бизнис конфедерацијата и посочи дека очекува соработката и отворениот дијалог помеѓу Владата и организацијата да продолжи и во иднина и дека преку заеднички партнерски однос ќе се продолжат активностите кои се во функција на бизнисот и на работниците, затоа што добрите економски параметри се пресликуваат позитивно на целото општество и допираат до секој еден граѓанин или граѓанка.

„Условите за водење бизнис се веројатно најважни за секој еден инвеститор, стопанственик, претприемач и токму тоа е она за што ние како Влада се залагаме. Политичка и економска стабилност и предвидливост, ефикасни и брзи процедури, мерки кои стимулираат технолошки развој и внесување иновации во работењето на компаниите, поквалитетни и подобро платени работни места, верувам дека сето тоа е заедничка цел на сите нас кои сме денес тука. За да можеме да ги постигнеме овие цели потребни се партнери од доверба. Токму таков партнер е Бизнис конфедерацијата на Македонија кои професионално и правилно ги артикулираат барањата на компаниите и систематски и темелно предлагаат решенија за решавање на сите проблеми и надминување на сите предизвици, се со цел креирање на поддржувачко и охрабрувачко бизнис опкружување, кое ќе носи раст и развој на нашите компании“, започна во своето излагање Битиќи и додаде дека Владата останува посветена на поддршката кон стопанство. „Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, ги поддржуваме сите производни фирми, во моментов во портфолиото кои го води мојот кабинет имаме околу 350 активни договори. Со моето доаѓање на оваа позиција во 2020 година, за првпат и покрај Ковид кризата, имаме 100% исплата на државната помош кон нашите компании, што ја потврдува нашата посветеност кон нив и нашата намера да ги поддржуваме. Истото ќе го направиме и оваа година, за нас, е важно компаниите да знаат дека имаат партнер и во време полно предизвици како што се овие две последни години“, нагласи вицепремиерот.

- Advertisement -

Воспоставувајќи партнерски релации со меѓународни организации, меѓу кои Меѓународната организација на трудот, БКМ низ годините успеа да изгради одлични односи што доведе до многу видливи резултати и до зајакнување на колективниот глас на бизнисот.

„Денес, бизнис моделите се менуваат брзо и радикално, создавајќи потреба од поголема иновативност, прилагодливост и флексибилност кај креаторите на политиките, компаниите и организациите на работодавачите. Компаниите очекуваат организациите на работодавачи да работат со креаторите на политики во обликување на новите норми и регулативи кои ќе создадат економија и општество подготвено за иднината. Се надевам дека Бизнис конфедерацијата на Македонија ќе одговори на овие предизвици и понуди  иновативни решенија за новите прашања кои влијаат на работните места. Се надевам и дека ќе придонесе во изградба на економија на соработка, во која Владата, компаниите и работниците заедно се соочуваат со предизвиците кои се пред нас”, истакна Емил Крстановски, координатор на Меѓународната организација на трудот за Република Северна Македонија.

„Ова  е можност да се поздрави добрата и стабилна работа што е направена досега од БКМ и веруваме дека многу повеќе ќе следи. Би сакал да му се заблагодарам на г. Бошков што отсекогаш беше дел и даваше вреден придонес на состаноците свикани од ЕУ и од Програмата за економски реформи. ЕУ ги зема предвид размислувањата од претставниците на бизнисот, и во таа насока ја поканивме конфедерацијата официјално да ги претстави своите коментари за нацрт-програмата за економски реформи 2022-2024 година. Треба е да се истакне колку е важен повратниот одговор од бизнисот за креирање на економските политики”, потенцираше Џулијан Васало, Заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија.

Настанот е организиран со поддршка од проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

 

Сподели!
- Advertisement -