Со имплементација на БИМ софтверот во градежната индустрија сите се добитници

- Advertisement -

Градежната индустрија, како никогаш досега се соочува со зголемена побарувачка за податочна писменост и деловна интелигенција во реално време. Притисокот е уште поголем ако се погледне како другите индустрии, како што се производството и малопродажбата, профитираат од новите агенди во кои клучна е дигитална трансформација и како експериментираат со подобро собирање податоци за поуспешно да го насочат управувањето со проекти.

Новите и сложени притисоци во градежната индустрија се предизвик за сите чинитрели на проектот. Индустријата треба да обезбеди побрз развој, намалени трошоци за градење, управување со животниот циклус на клиентите и се разбира, еколошки деловни одлуки. Ова ги наведува инженерите, архитектите, изведувачите и менаџерите во градежната индустрија да реагираат поинаку. Затоа, во светот, сè повеќе компании се одлучуваат за нова технологија за да ги намалат трошоците и да ја зголемат продуктивноста.

Токму, тука BIM (Building Information Modeling) или БИМ (Градежно информатичко моделирање) стапува на сцена. Најчесто користен за развој на згради и креирање виртуелни дизајни, БИМ е процес на управување со проекти од почеток до крај кој заштедува време и пари. БИМ се имплементира низ дизајнот и планирањето до пост-конструктивните операции, преку користење на различни алатки и карактеристики. Ја прави секоја фаза од изградбата ефикасна и безбедна и ги отстранува сите нејаснотии околу проектот. Со покривање на аспекти како што се моделирање, работен тек, изградба и предавање, БИМ практично обезбедува поволен исход за секој проект.

- Advertisement -
Слободанка Гркова, инженерка во „КБК Инженеринг“

Слободанка Гркова, инженерка во „КБК Инженеринг“, објаснува дека БИМ претставува принцип на проектирање на градежни објекти кој поврзува повеќе алатки за цртање и проектирање кои ги користат архитектите и инженерите. Самото проектирање е една низа на цртежи, пресметки, модели и фази кои се преклопуваат и одземаат доста време, а со тоа и повеќе финасии, вели таа.
– Она што всушност го прави БИМ е олеснување на процесот на проектирање, овозможување на полесно споделување на информации помеѓу различните групи на луѓе кои работат на еден проект. БИМ би имал голема примена во нашата градежна индустрија, посебно кај големите и капитални објекти. Овој начин на моделирање заштедува пари и време, а и овозможува визуелно претставување на проектот пред инвеститорот. Доколку истиот би успеал да се имплементира би бил големо олеснување за проектантите, но и за изведувачите на објектите. БИМ веќе се користи на меѓународно ниво, има стандарди за него и верувам дека за неколку години истиот ќе биде потребен за учествување во проекти на странските пазари и тендери. Исто така сметам дека БИМ ќе им биде од помош на сите млади инженери и архитекти кои сакаат да работат на странски проекти – вели Гркова.

Проектирањето со БИМ (Building information modeling) софтвер носи бројни придобивки за градежната индустрија, вели архитектот Димитар Петровски од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Тој објаснува дека со помош на БИМ значително се зголемува брзината при изработка на проектите од една страна, а од друга страна можноста за грешки при проектирањето се сведува на минимум. БИМ моделот во себе содржи огромен број на податоци кои може да генерираат пресметки за статиката на објектите, предмер пресметка, пресметки за енергетска ефикасност, пресметки за греењето и ладењето на објектот итн. Користењето на БИМ ја надминува фазата на проектирањето, проширувајќи се низ целиот животен циклус на објектите, како изведбата, управување со трошоци и проекции за идното одржување.

Димитар Петровски од Комората на овластени архитекти и овластени инженери

– Со имплементирањето на БИМ сите се добитници. За сопствениците на проектантски бироа работењето со БИМ придонесува за намалување времето, човечките ресурси и трошоците потребни за изработка на еден проект. Тоа овозможува истиот тим на вработени да работи на повеќе проекти истовремено и подобра распределба на обврските помеѓу вработените инженери. Инженерите трошат значително помалку време за техничка разработка, прецизноста и координацијата на проектите е на високо ниво, додека сопствениците имаат поквалитетно испорачани проекти за пократок рок, што овозможува зголемување на годишните приходи – објаснува Петровски.

Она што е особено важно, според него е и тоа што примената на БИМ на глобално ниво постојано расте, а компаниите кои се во градежниот сектор ги согледуваат предностите од работењето во БИМ и забрзано транзитираат кон овој современ начин на работење.
– Од друга страна пак, во голем број на земји ширум светот БИМ е имплементиран во законската регулатива, што значи дека услов за изработка на одредена типологија на проекти е познавањето на БИМ софтвер. Со работењето во БИМ компаниите присутни на домашниот пазар имаат можност да станат конкурентни на интернационално ниво, добивајќи можност да работат на големи проекти рамо до рамо со некои од најголемите светски компании – вели Петровски.

Во земјава имаме мал број на БИМ инженери во нашите компании. Гркова објаснува дека овој метод на работа сѐ уште не е наметнат како алатка која се користи и се бара за проектирање. Но, секако дека мора да се смени нешто во однос на ова прашање.
– Она што треба да се превземе како чекор е финансирање на повеќе обуки за инженери за користење на БИМ (што и веќе се прави), претставување пред компаниите кои се во градежниот сектор и ползата која ќе ја имаат од БИМ. Исто, така претставување на БИМ кај универзитетските професори, затоа што тие се тие кои ни ги даваат основите и алатките за работа откако ќе излеземе од училишните клупи и секако, поголемо претставување на истиот пред инвеститори од страна на компаниите кои веќе работат со БИМ – објаснува Гркова.

И Петровски се согласува дека бројот на инженери кои работат со БИМ во домашните компании е сѐ уште многу мал. Според него, тоа се должи пред сè на фактот што голем број од инженерите не знаат што претставува БИМ и кои се неговите придобивки.
– Најголем отпор за имплементацијата на БИМ разбирливо се јавува кај повозрасните инженери, бидејќи промените пред сè бараат излегување од зоната на комфор. Со цел да помести оваа бариера потребно е најпрвин да се изврши запознавање на вработените инженери со придобивките од БИМ како би се поттикнал нивниот интерес, а потоа и да се инвестира во нивна едукација. Тоа го наметнува прашањето за економскиот фактор. Примената на новите алатки и софтверски решенија

- Advertisement -

наметнуваат потреба од инвестиции во едукација, софтвер и опрема, што исто така е причина за отпор и одложување на моментот на воведување на новите системи за работа во дел од компаниите – вели тој.

Додава дека, светските примери покажуваат дека најдобриот начин за зголемување на бројот на инженери кои работат во БИМ е преку негово воведување во законска регулатива.
– Доколку БИМ стане мандат тогаш ќе биде задолжително неговото користење од страна на сите инженери. Секако примената на новите

технологии бара време и стратешки пристап, но колку побрзо започнеме со нивна масовна употреба, толку побрзо ќе се доближиме до светската архитектонска пракса и ќе станеме конкурентни на светскиот пазар.

Инаку, компанијата во која што работи инженерката Гркова беше дел од работилниците посветени на БИМ во Skills Next Центарот за нови вештини. Таа вели дека во нејзиното седум годишно работење во КБК Инженеринг посетувала доста обуки од областа на градежништвото, но ова била една од оние што и оставиле добар впечаток.
–  БИМ како метод на работа нам не ни беше познат, но предавањата беа многу добро разработени и методот беше детално објаснет, со голем број на примери од реални објекти кои се проектирани со БИМ, а од кои дел се веќе и изведени – вели Гркова.

Во рамки на проектот „Премостување на јазот кај вештините за создавање нови и подобри работи места“ на УНДП, креирана е и Skills4Future.mk платформата, која здружува бизниси, професионалци од индустријата, академијата, јавниот сектор, мрежите за економски развој, која поддржува култура на соработка преку воведување на нови технологии за да се постигнат трансформaтивни промени.

Сподели!
- Advertisement -