Полската влада одлучи да го укине данокот на додадена вредност за основните прехранбени продукти во рамките на пакетот за ублажување на ударот од растечката инфлација на домаќинствата, најави премиерот Матеуш Моравјецки.
Полска веќе побара од Европската комисија одобрение за укинување на ДДВ на храната затоа што полското општество е погодено од инфлација која ги надмина прогнозите и достигна 7,8% уште во ноември. Економските експерти очекуваат дека инфлацијата ќе продолжи да расте и во текот на наредните неколку месеци.
„Има големи шанси дека од февраури ќе го намалиме ДДВ на основните прехранбени продукти на нула, во период од најмалку шест месеци“ изјави Моравјецки, пренесува Reuters.
Иако моментално во ЕУ е невозможно да се примени ДДВ стапка од нула проценти на храната, премиерот на Полска изјави дека оваа држава ќе примени пакет за заштита без разлика на одговорот на Европската комисија. Владата веќе воведе пакет мерки, кои вклучуваат намалени даноци и субвенции за лицата со ниски примања, за да го заштити општеството од инфлацијата.
Овој пакет вклучува решенија од типот на намалени цени за моторните горива, намалени цени на гасот, акцизи на струјата од нула отсто за домаќинствата, намалена цена на струјата, како и намалени трошоци за електрична енергија.
(Reuters)
(фото: Quote Inspector)