Ирска постигна импресивен раст во услови на корона и бележи најбрзо закрепнување меѓу 23 земји на ОЕЦД. Од европските земји најлошо е рангирана Шпанија, но последиците од кризата ги трпат и Велика Британија, Италија и Португалија. Кога подетално ќе се анализираат другите важни економски показатели, излегува дека Данска, Словенија и Шведска најдобро се справиле со кризата досега.
Економиите на повеќето земји на ОЕЦД почнаа да закрепнуваат, и покрај тоа што кризата со корона продолжува, покажува рангирањето составено од The Economist. Врз основа на собраните податоци за економските движења во 23 земји на ОЕЦД, Ирска има најдобри резултати. Таа постигна најголем раст на БДП во периодот од четвртиот квартал од 2019 година до третиот квартал од 2021 година. Ирската економија во наведениот период порасна за 22,3 отсто. Иако овие информации изгледаат многу охрабрувачки, Ирска е исклучок, а не правило, се посочува во анализата.
На второ место е Чиле со раст на БДП од 10,4 отсто, додека земјите од третото до шестото имаат многу поскромно раст, кој се движи меѓу 2,1 и 3,5 отсто. Во оваа група спаѓаат Норвешка (3,5 отсто), Полска (3,1 отсто), Шведска (2,1 отсто) и Данска (2,1 отсто).
Меѓу европските земји кои се уште многу страдаат од последиците од кризата предизвикана од пандемијата се Велика Британија, Португалија, Шпанија и Италија. Нивниот БДП падна меѓу 1,3 и 6,6 отсто во анализираниот период.
Шпанија, чија економија во голема мера се заснова на туристичката индустрија, има најголем пад на БДП (-6,6 проценти) на листата од 23 земји на ОЕЦД анализирана од The Economist, а моментално е на третото место по бројот на оболени од коронавирус, со над 90.000 новозаразени.
Иако БДП сè уште се смета за еден од најважните економски показатели, тој дава само делумна слика за севкупната сила на една економија. Затоа аналитичарите на The Economist собраа и податоци за промените во доходот на домаќинствата по глава на жител, јавните инвестиции, цените на акциите и односот на државниот долг кон БДП.
Наодите од оваа проширена анализа покажуваат дека во набљудуваниот период најдобро се справиле со пандемијата на економијата во Данска, Словенија и Шведска, додека на дното на рангирањето се Јапонија, Велика Британија и Шпанија.
(Denar.mk)
(фото: Pixabay)