Расте свеста кај граѓаните за користење на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, покажува истражувањето направено во рамките на Кампањата за интегритет, спроведено во декември минатата година. Повеќе од половина или 56 отсто од испитаниците сметаат дека имаат право да достават барање до државните институции согласно Законот за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што е раст од 13 отсто во споредба со 2020 година. Покрај другите наоди истражувањето укажува на раст на свеста на граѓаните (57 отсто во 2021 година, наспроти 42 отсто во 2020), дека правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е загарантирано со Уставот, а подобрена е и информираноста на граѓаните за постоење на Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Целта на ова истражувањето е мерење на ефектите во јавноста од активностите кои беа реализирани во текот на Кампањата за интегритет под слоганот „Избери интегритет“. Кампањата за интегритет е дел од проектот за „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“, чии корисници се Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
„Наша цел е да едуцираме и информираме што повеќе граѓани да го користат своето законско право за слободен пристап до информации од јавен карактер, од една страна, и од друга страна да ги поттикнеме и обучиме имателите на информации за начинот на постапување по добиените барања, што е нивна законска обврска. Транспарентоста на инстититуциите придонесува за јакнење на нивниот интегритет. Граѓаните имаат клучна улога во овие процеси, бидејќи институциите постојат токму за нив. Унапредувањето на овој процес на тесна соработка беше и главна цел на нашите активности во рамките во кампањата. Преку овие активности, покрај информирање и едукација на граѓаните, сакавме да поттикнеме што поголемо користење на правата кои произвлегуваат од Законот, со што ќе се унапреди и интегритетот на институциите, а истовремено ќе се зголеми и владеењето на правото како основен постулат на секое демократско општество“, истакна Пламенка Бојчева, директорка на Агенција за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Дел од активностите на кампањата беа насочени и кон поголема заштита на укажувачите и зајакнување на борбата против корупцијата. ДКСК работеше на информирање и едукација на јавноста за важноста од вклучувањето на секој поединец во активности против незаконско и неетичко однесување кај носителите на јавни функции, во институциите или компаниите.
„Кампањата за интегритет ги поддржа и зајакна нашите напори за интензивирање на борбата против корупцијата и судирот на интересите. Отворивме голем број предмети, а паралелно работевме и на подигнување на свеста на јавноста, почнувајќи од најмладите па сѐ до повозрасните групи. Воедно работевме и на подигнување на капацитетите за борба против корупцијата и заштита на укажувачите. Во таа насока, воспоставивме систем на интегритет, преку кој се обезбедува увид и мерливи резултати во борбата против корупцијата на сите нивоа во иниституциите, а преку софтверско решение ќе се следи спроведувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата 2021-2025. Поголема поддршка на укажувачите обезбедивме преку софтвер со кој се олеснува анонимно пријавување на сомнителни активности во институциите, а оваа алатка им е веќе понудена на повеќе институции. Овие активности се важни, но подеднакво важно во овој процес е и подигнување на јавната свест за значењето на интегритетот заради создавање на демократско, праведно општество и обезбедување повисок квалитет на живот за граѓаните“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Во насока зголемување на ефикасноста во делот на евидентирањето и следењето на имотната состојба и интересите Државната комисија стартуваше со активностите за изготвување на софтверското решение со кое ќе се овозможи елетронско поднесување на Изјавите за имотна состојба и интересите како и електронско пријавување на промените во имотната состојба и интресите. Интегрален дел од новото софтверско решение ќе биде и Регистарот на избрани именувани лица како и електронска размена и прибирање на податоци со надлежни институции. Изготвувањето на новото софтверско решение, со подршка на меѓународен партнер, ќе започне во текот на 2022 година. Минатата година ДКСК донесе одлуки за вкупно 479 предмети, од кои најголемиот број се од областа на корупцијата, а останатите се од областа на судирот на интереси, непочитување на законски одредби за време на изборниот процес и проверка на имотот на функционерите. Комисијата покрена и 788 постапки по сопствена иницијатива, а разгледа и близу 700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интерес, а извршена е и антикорупциска проверка на 17 закони.
Проектот „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“ е финансиран од Европската унија.
Кампањата за интегритет започна минатата година, а се реализираше во три столба. Првиот столб се соостоеше од активности кои ги опфаќаат истовремено двете институции, фокусот на активностите во рамките на вториот столб беше ставен на активностите што ги предводеше Државната комисија за спречување на корупцијата под слоганот на кампањата Ако знаеш, укажи!, додека третиот столб ги опфати активностите што ги реализираше Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер под слоганот на кампањата Сакам да знам.