Вештачки рбетен столб им помогна на парализирани глувци повторно да проодат

- Advertisement -

Тим од истражувачи од Центарот Сагол за регенеративна биотехнологија при Универзитетот Тел Авив успешно создадоа 3Д ткива на човечки рбетен столб ги пресадија на лабораториски глувци со хронична парализа. Ова е прв пат во светот да се направи таква операција. Најдоброто е тоа што резултатите биле многу охрабрувачки и со успех од околу 80% во враќањето на способноста за одење, се вели во студијата објавена во списанието Advanced Sciences.

Технологијата која ја користеле за да го постигнат тоа се базира на земање биопсија од стомачното масно ткиво на пациентот, кое се состои од клетки врзани со екстраклеточен матрикс.

- Advertisement -

Откако ќе се одделат клетките од матриксот користиме генетички инженеринг за да ги репрограмираме клетките, односно да ги вратиме во состојба на ембрионски матични клетки, т.е. клетки способни да се претворат во кои било клетки во телото“, објаснува водечкиот истражувач во израелскиот тим, проф. Тал Двир.

Од екстраклеточниот матрикс ние произведуваме персонализиран хидрогел, кој нема да предизвика никаков имунолошки одговор или одбивање после трансплантацијата. Потоа ги ставаме матичните клетки во хидрогелот и во процес кој го имитира ембрионскиот развој на рбетниот столб ги претвораме тие клетки во 3Д импланти од невронски мрежи кои содржат моторични неврони“, додава Двир.

- Advertisement -

После тоа на глувците им биле имплантирани рбетни столбови. Лабораториските модели биле поделени во две групи. Едните имале глувци кои биле парализирани краток период, односно имале акутна парализа, а другите имале хронична парализа. После имплантацијата, сите лабораториски глувци со акутна парализа и 80% од тие со хронична парализа повторно можеле да одат.

Ова е прв таков случај во светот имплантирано човечко ткиво да генерира закрепнување кај животински модел со хорнична парализа. Тоа е воедно и најрелевантниот модел за третирање парализа кај луѓето“ вели проф. Двир.

- Advertisement -

Ова достигнување на израелските истражувачи може да го смени животот на милиони луѓе со парализа во светот кои имаат оштетен рбетен столб. Израелските научници имаат за цел да создадат персонализирани импланти на рбетен столб за секој парализиран човек во светот така што ќе овозможат регенерација на оштетеното ткиво без ризик од одбивање на телото.

Истражувачите сега се подготвуваат за наредниот чекор од студијата, односно клинички тестирања на луѓе. Тие се надеваат дека за неколку години отсега ќе можат да имплантираат модифицирани ткива на парализирани луѓе и ќе им помогнат да застанат на свои нозе.

(Interesting Engineering)

(фото: Wikimedia)

Сподели!
- Advertisement -