Млади иноватори од Скопје експериментираат со брашнарски црви кои јадат стиропор за добивање на органско ѓубриво!

- Advertisement -

Иван Пешев, Стефан Малиновски, Кристина Попова и Мартин Ристоски се млади иноватори, кои како дел од тимот „Bioneers“ на гимназијата „Орце Николов“ во 2019 година започнаа еден интересен и иновативен проект – разградување на пластика со брашнарски црви кои во тој процес создаваат органско ѓубриво. Тимот, на кој откако станаа студенти му се придружи и Давор Трајковиќ, испита и докажа дека црвите tenebrio molitor поседуваат микроорганизми кои се способни да разградуваат пластика. Минатата година тие беа избрани од Центарот за управување со знаење да ја претставуваат државата на интернационалниот младински POPRI натпревар организиран од технолошкиот парк Примоски во Словенија, каде ја освоија „Go Borderless 2025“ наградата.

Еден од членовите на тимот, Кристина Попова, во интервју за „Иновативност“ вели дека овој метод на еколошко разградување на пластиката, дури и онаа која не се смета за биоразградлива, светската науката се уште го испитува. Се проучуваат ензимите кои го реализираат овој феномен и можноста тие да се издвојат и да се користат во биореактори.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Кристина, кажи ни нешто повеќе за проектот „Еколошко разградување на стиропор со помош на брашнарски црви“.

- Advertisement -

Проектот започна во 2019 година, кога Иван, Стефан, Мартин и јас го формиравме тимот наречен „Bioneers“ ( комбинација од biological engineers) во гимназијата „Орце Николов“ и со истиот аплициравме на предизвикот за млади истражувачи организиран од Фондот за иновации и технолошки развој. Идејата произлезе од научното откритие на група научници од Стенфорд изведено во 2015 година, кое вели дека брашнарските црви, познати и како tenebrio molitor, поседуваат микроорганизми кои се способни да разградуваат пластика.

Инаку, проценките се дека секоја година 2,3 милијарди килограми стиропор се испуштаат во светските води и предизвикуваат загадување, болести и труење на луѓето и животните. Само мал процент од енормно големите количини на отпад се рециклира и со тоа се создава голем глобален проблем. Оттука и големото значење на ваквите иницијативи.

- Advertisement -

На кој начин се изведе вашиот проект, како функционира разградувањето на стиропор со помош на црви?

Организмот на црвите не прави разлика помеѓу хемиските својства на материјалите, што е многу значајно сознаие, бидејќи им дозволува да разградуваат различни форми на пластика, а истовремено да немаат никакви последици за своето здравје дури и во услови ако нивната исхрана целосно се состои од пластика. Докажано е дека брашнарските црви не ги акумулираат токсичните хемиски адитиви, што значи дека се безбедни и подоцна ако се користат како храна за други животни.

Проектот на кој работеше нашиот тим „Bioneers“ вклучуваше опремување на живеалишта (терариуми) за црвите, кои се одржуваа во контролирани услови со поволна температура, циркулација на воздухот итн., а се менуваа влажноста и светлината, во обид да го согледаме влијанието и најефикасните услови за создавање ѓубриво. Вклучен беше и систем за набљудување, преку кој се добиваа податоци за понатамошна анализа и обработка, за да дојдеме до конечен заклучок.

Кои се заклучоците, дали вашата идеја може да допринесе за намалување на отпадот и загадувањето од пластика?

Со спроведувањето на проектот заклучивме дека црвите се одржливо решение за рециклирање, особено кога се вклучени во систем кој го собира и групира создаденото ѓубриво. Тие се способни да консумираат и разградуваат помеѓу 30 и 40 милиграми стиропор дневно, доколку терариумот во кој тие престојуваат поседува околу стотина црви. На овој начин бескорисниот и штетен отпад може да се претвори во продуктивна супстанција. Оваа идеја има потенцијал да влијае врз пластичната индустрија и нејзините капацитети за рециклирање, заедно со примената во агрокултурата и земјоделството. Доколку успешно се реплицира процесот самостојно, постои можност за разградување на пластиката до мономери и производство на т.н. биопластика.

Би биле потребни од 3.000 до 4.000 брашнарски црви неделно за да изедат една чаша за кафе од стиропор. Бактериите што живеат во цревата на црвите ја разградуваат пластиката

Дали овој метод веќе се применува некаде?

Науката се уште е во процес на проучување на ензимите кои го реализираат овој феномен и дали можат да се издвојат и да се користат во биореактори. Но, покрај откритието и спроведените истражувања, се уште не постојат целосно оформени и оптимизирани фарми, центри или рециклирачки единици каде е искористен потенцијалот од оваа идеја.

Зошто се одлучивте да се пријавите на предизвикот за млади истражувачи на ФИТР и да работите на ваков проект, која беше мотивацијата за вас како млади луѓе?

Познато е дека пластиката претставува материјал со неизмерно бавен процес на распаѓање и мал процент на годишно рециклирање, што резултира со бројни заболувања, загадувања на светските води и преполнување на депониите.

Брашнарските црви овозможуваат да се рециклира дури и пластиката за која претходно е сметано дека не е биоразградлива. Покрај тоа, ваквите истражувања и проекти се одлична можност да стекнуваме нови знаења од разни полиња и истите да ги примениме во оние области каде ќе бидат од најголема корист.

Сподели!
- Advertisement -