Европската комисија минатата недела најави дека предлог-законот за дигитално евро ќе биде поднесен на почетокот на следната година. Предлогот кој ќе се разгледува ќе изгради законската рамка за легализација на дигиталното евро како криптовалута. Со ова ќе и се овозможи на Европската централна банка да продолжи со понатамошна техничка работа за развој на дигиталното евро.
Европската централна банка веќе работи на интерни тестирања на дигиталното евро. Првиот функционален прототип е најавен за 2023 година. Aко резултатите од овие тестови се позитивни, првите дигитални евра може да ги очекуваме најрано во 2025 година. Јавната расправа за озаконувањето на европската дигитална валута треба да се одржи следниот месец јави Politico.
Дигиталното евро ќе биде дигитална валута со која ќе управува Европската централна банка и ќе се користи за трансакции во евро-зоната. Електронската валута нема да има никаква физичка форма туку ќе постои единствено онлајн. Со новата валута нема да се прават никакви промени на еврото, ниту на неговата физичка форма. Двата системи ќе продолжат да работат паралелно, а физичките евра ќе се употребуваат и понатаму.
По изгласување на законот во Европскиот парламент, потврда на дигиталното евро треба да дојде и од парламентите на државите членки на Унијата.
Дел од потенцијалните пречки се опасностите кои ќе ги донесат промените за постоечкиот финансиски систем. Едно од стравувањата на банките е дека во случај на финансиска криза граѓаните би можеле да ги претворат своите депозити од банките во дигитални, и наеднаш да ги повлечат. Друга опасност е нечувањето на парите на банкарски сметки, и неможноста на банките да понудат заеми. Во овој случај ќе биде неопходна ревизија на постоечкиот бизнис модел.
Што е дигитално евро
Дигитално евро е дигитална валута која ќе биде електронска форма на еврото. Наместо печатена ќе биде издавана како електронска валута. Ќе го издава Европската централна банка и националните банки на државите членки.
Дигиталното евро ќе биде паралелен систем кој ќе функционира заедно со постоечките физички банкноти. Дигиталната валута нема да биде замена на постоечкиот систем туку ќе биде негово проширување и надополнување. Целиот еко-систем, на граѓаните на еврозоната ќе им обезбеди да имаат пристап до своите финансии, без разлика на која локација во Европа се наоѓаат.
Придобивките од централизираните валути се слични како и кај веќе постоечките криптовалути. Најголемата придобивка е отстранувањето на банките како посредници во процесот на плаќање. Ова ќе овозможи директни трансакции помеѓу учесниците во размената, без разлика дали станува збор за трансакции „човек кон човек“ или „клиент кон услуга“. Плаќањето ќе биде брзо, лесно, едноставно и безбедно. Електронските валути ќе овозможат и иновации кај продавниците. Банките лесно ќе можат да ги следат трансакциите, што ќе ги оневозможи затајувањето на данок и перењето пари.
Целиот текст на it.mk