Делегација на Стопанската комора на „Дубаи експо 2020“

- Advertisement -

Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, во состав м-р Антони Пешев, извршен директор, и потпретседателите на Комората: м-р Виктор Мизо („Костал“), д-р Драгана Дамјановиќ-Чифлиганец („Адора инженеринг“), м-р Глигор Цветанов („Макпрогрес“), Сашо Наумоски („Витаминка“) и м-р Анета Димовска, менаџер во Комората, оствари посета на „Дубаи експо 2020“. Во рамките на посетата се реализираа повеќе средби со релевантни, високи, државни претставници на ОАЕ, како и со претстваници на деловната заедница.

М-р Антони Пешев, извршен директор на Комората, се сретна со претседателите на коморите во ОАЕ: Стопанската комора на Дубаи (Dubai Chamber of Commerce), Комората на Абу Даби (Abu Dhabi Chamber of Commerce), како и со претседателот на најстарата комора во ОАЕ, Комората на Шарџа (Sharjah Chamber of Commerce). На средбите се дискутираше за потенцијалната соработка меѓу македонските компании и компаниите од Обединетите Арапски Емирати. Претставниците на компаниите од ОЕА покажаа особен интерес за инвестиции во агропрехранбениот сектор, туризмот, енергетиката, како и за инвестиции во напредни технологии.

- Advertisement -

Делегацијата присуствуваше на формалното одбележување на македонскиот националниот ден, како и на бизнис-конференцијата на која свое излагање пред присутните потенцијални инвеститори од ОАЕ имаше м-р Виктор Мизо, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија. Неговото искуство и компетентноста во областа на привлекувањето СДИ, но и искуството што го има како менаџер на еминентната германска компанија од областа на автомобилската индустрија во Македонија се покажаа како исклучително релевантни во неговото излагање пред потенцијалните инвеститори. Тој ги истакна предностите за инвестирање во Македонија, кои произлегуваат од геостратешката положба на државата и од склучените мултилатерални договори за слободна трговија, но и од пристапот до европскиот пазар, кои, секако, носат предности за компаниите што се регистрираат во нашата држава. Во контекст на претходното, м-р Мизо се задржа и на искуството што го имаат странските инвеститори во државата и на другите аспекти на поддршка на приватниот сектор и условите за водење бизнис. 

Посетата на „Дубаи експо 2020“ за членовите на делегацијата на Стопанската комора на Северна Македонија, наедно и претставници од реномирани компании членки, е одлична можност на големиот број неформални средби, како и на Б2Б-средбите што се реализираа по завршувањето на конференцијата, да ги оценат можностите за пласман на сопствените производи на пазарот во ОАЕ, но и да се стекнат со нови сознанија за напредните технолошки решенија.

- Advertisement -

На „Дубаи експо 2020“ за првпат во историјата на светските изложби секоја земја учесничка имаше сопствен павилјон, односно на Експото на 192 павилјони претставени беа различни држави и нивната уникатност преку сопствената архитектура, култура и иновации.

Сподели!
- Advertisement -