Главната руска банка Sberbank Group соопшти дека се повлекува од европскиот пазар бидејќи е погодена од огромни финансиски санкции воведени како одговор на руската инвазија на Украина, пренесоа руските новински агенции.
„Sberbank одлучи да се повлече од европскиот пазар поради моменталната ситуација“, се вели во соопштението.
Се додава дека филијалите на таа банка „се соочуваат со ненормален одлив на средства и закани по безбедноста на вработените“.
Sberbank не е во можност да обезбеди ликвидност на своите европски филијали, поради налог на Централната банка на Русија.
Банката беше присутна во осум европски земји – Германија, Австрија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.
„Европските подружници на групацијата Sberbank имаат високо ниво на капитал и средства, а средствата на клиентите се осигурани во согласност со локалните закони“, велат од банката.
Банкарскиот регулатор на Европската унија во вторникот вечерта објави дека ќе биде отворена стечајна постапка за главната филијала на Sberbank во Европа.
Sberbank Europe AG, главната филијала во Европа, со седиште во Австрија, која вработува речиси 4.000 луѓе, ќе биде предмет на „несолвентна постапка“ во таа земја, објави телото на ЕУ.
(Denar.mk)
(фото: Wikimedia)