Вработените во Apple наскоро постепено ќе се враќаат во канцеларија, две години откако почна пандемијата на КОВИД-19. Во имејл до вработените извршниот директор на компанијата, Тим Кук, напиша дека вработените мора да се вратат во канцеларија најмалку еден ден неделно почнувајќи од 11 април.
Од 2 мај натаму тие ќе мора да бидат во канцеларија најмалку два дена неделно, а од 23 мај натаму ќе мора да работат во канцеларија најмалку во понеделник, вторник и четврток.
„Во текот на наредните недели и месеци имаме шанса да го комбинираме најдоброто што го научивме од работењето од дома со бенефитите од работењето во канцеларија. Битно е да се поддржуваме едни со други во оваа транзиција, низ предизвиците со кои ќе се соочуваме како тим“ напиша Кук.
Apple се обидуваше да ги врати вработените во канцеларија од јуни минатата година. Како дел од хибридното пилот работење вработените ќе добијат уште екстра месец работа од дома годинава.
Претходно неделава се појавија информации дека Apple им оставил на вработените кои се вакцинирани да избираат дали ќе носат маски во региони каде што тоа не е регулирано со локални правила. Маските се опционални и во некои локации на Apple Store. компанијата бара задолжително тестирање на вработените во тие продавници двапати неделно.
(Engadget)
(фото: YouTube)