Сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи во земјава се ослободуваат од партиципација за студирање. Ваква Уредба донесе Владата на иницијатива на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
Од Влада велат дека оваа уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој и на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, додека пак за образовните институции ова е поттик да ги прилагодат условите и програмите за образование за овие сограѓани.
Со Уредбата, освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.
За да го оствари ова право, потребно е подносителот да достави барање со наод и мислење од Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен Дом- Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ), како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти проценка на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост.
Претходно, право на ослободување од партиципација имаа само неколку категории на лица со попреченост, што практично ги ставаше останатите во подредена позиција, додаваат од Влада.
(Meta.mk)
(фото: Raw Pixel)