Цените на нафтата на светските пазари паднаа поради карантините во Кина, кои ја погодија економската активност во Шангај, кој е водечки бизнис центар во земјата.
Овој кинески финансиски центар, кој има 26 милиони жители, им наложи на сите компании да го стопираат производството или да ги префрлат луѓето да работат на далечина во текот на најголемиот карантин во земјата од почетокот на пандемијата на корона вирусот досега, кој ќе трае во две фази во текот на девет дена.
Европската „брент“ нафта потона за 3,39 долари, додека американската WTI падна за 3,41 долар, пренесе Reuters. И покрај падот, цените на нафтата моментално се за речиси 80% повисоки во однос на истиот период минатата година, а војната во Украина придонесе за уште поголем скок.
Шангај ќе биде затворен во две фази во текот на девет дена, а надлежните истовремено ќе ги тестираат граѓаните. Шангајскиот финансиски кварт Пудонг и блиските наслеби ќе бидат затворени до петок затоа што почнува масовно тестирање ширум градот, соопшти локалната влада.Од петок натаму ќе биде затворен друг дел од градот западно од реката Хуангпу.
Жителите во текот на карантинот ќе мора да останат во своите домови, а испораката на нарачки ќе се врши на одредени места за да се осигура дека нема да има контакт меѓу луѓето. Сите компании кои не се сметаат за неопходни ќе бидат затворени, а јавниот превоз ќе биде стопиран.
(Bizlife)
(фото: Flickr)